
И покрај напорите годинава за воведување на осум нови лекови и подобрување на протоколите преку конзилијарни мислења, состојбата на Клиниката за онкологија и понатаму останува критична.
Ана Марјановиќ во изјава за 4tv.mk посочува дека клиниката не е проектирана за толкав број пациенти, што создава огромни гужви и притисок врз здравствениот персонал.
„Условите не се хумани ниту за пациентите, ниту за докторите и сестрите кои треба да прегледаат по 100 луѓе на ден“, изјави Марјановиќ.
Таа додава дека пред ординациите чекаат и по 30 пациенти, а дел од нив се прегледуваат во простории кои првично биле наменети за архива.
Во однос на терапијата, Марјановиќ посочува дека има одреден напредок, но сериозен проблем претставува недостигот на прецизен регистар на пациенти, што го отежнува планирањето на потребните лекови.
Како пример, таа наведува дека за одредени терапии бројот на пациенти драстично се зголемил – од само еден пациент во 2023 година, на дури 48 пациенти во 2025 година.
Ова, според неа, дополнително го оптоварува системот и ја нагласува потребата од итни системски решенија за подобрување на условите и организацијата на Клиниката за онкологија.

