
Силно полициско присуство и специјални единици беа забележани рано утрово на повеќе локации низ државата, како дел од обемна акција насочена против организиран криминал.
Според неофицијални информации, Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија, преку Бирото за јавна безбедност и Одделот за организиран криминал, во координација со Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, спроведува координирана операција во неколку градови.
Акцијата се одвива на повеќе локации во Скопје, Штип, Струмица, како и во скопското село Грчец, кое во јавноста често се поврзува со криминални структури.
Според информациите, на удар е организирана криминална мрежа поврзана со нелегална трговија со кокаин. Во тек се претреси на околу 15 локации, а акцијата опфаќа повеќе лица.
Неофицијално, меѓу приведените се споменуваат и лица познати во криминалните кругови, што укажува на сериозноста и обемот на операцијата.
Станува збор за поширока и неселективна акција насочена кон структури кои подолг период делувале во сенка.
Од надлежните институции засега нема официјална потврда за деталите од акцијата, но се очекуваат повеќе информации во текот на денот.

