Утрински Весник
Магазин

Каде и како мозокот ги складира странските јазици

Dlanki.png

Ново истражување посочува дека повеќето нови зборови на некој странски јазик се складираат во истите области каде што се собира знаењето од мајчиниот јазик, но поединечните зборови се „малку поместени“ во зависност од нивното значење и контекст. Написот е објавен на страницата „Сајнекс“ (Scinexx), којашто се повикува на научен труд објавен во американскиот Зборник на трудови на Националната академија на науките (Proceedings of the National Academy of Sciences (ПНАС)).

Научниците од Универзитетот на Калифорнија во Беркли, предводени од Фатма Дениз и Кетрин Чен, проучувале шест лица чијшто мајчин јазик е кинескиот, кои подоцна научиле англиски. При испитувањата е користена функционална магнетна резонанца, додека учесниците читале приказни на двата јазика. Ова им овозможило на научниците да утврдат кои области на мозокот се активирани за секој збор и каде бил „кодиран“ во мозокот. За да ја тестираат веродостојноста на анализата, истражувачите користеле машинско учење. Пред сѐ, тие обучиле модели на вештачка интелигенција со податоци од четири учесници, така што моделите би можеле „да репродуцираат“ мозочна активност за различни зборови и теми. Потоа, ја тестирале можноста истите модели да ја предвидат мозочната активност за двајца други учесници. Резултатите покажале дека ВИ е извонредно прецизна во предвидувањето на распределбата на тематските зборовни групи кај сите учесници.


Главниот заклучок за научниците бил дека новите зборови и концепти од странски јазик се складираат во истите мозочни региони како и мајчиниот јазик, но постојат суптилни поместувања за поединечни зборови. Во темата „просторна ориентација“, на пр., сосредоточена на кинески, одредена област во мозокот реагира на зборови како „пристигнување“ или „заедно“, додека на англиски истата област се активира за зборови како „север“ или „седум (километри)“.

Резултатите даваат одговор на долгогодишната дебата за тоа дали странскиот јазик се обработува одделно или заедно со мајчиниот јазик. Покрај тоа, наодите би можеле да помогнат во поделотворно учење странски јазици и за помош и поддршка на лицата со афазија, кај кои одредени мозочни области се оштетени. 

Можете да прочитате

Нов тренд кој го менува начинот на кој го започнуваме денот

Што ќе јаде екипажот на „Артемис II“ на бродот?

Ново истражување: Пестицидите од храната завршуваат во телото