
Нови детали поврзани со случувањата во гостиварски „Комуналец“ отвораат дополнителни прашања за настаните што му претходеле на загадувањето на водата за пиење во Гостивар.
Како што објави ТВ Телма, вработен во ЈП „Комуналец“ загинал на 15 јуни годинава при интервенција во водоводниот систем, само десет дена пред поставувањето на пумпите кои подоцна го загадиле водоводниот систем и предизвикаа здравствена криза во градот.
Според првичните информации, работникот бил ангажиран за чистење на канал на локација каде што се наоѓаат одводни канали за прибирање на проточни води. При интервенцијата тој се заглавил и го загубил животот. Случајот бил пријавен во полиција и за него биле преземени соодветни дејствија.
Во меѓувреме, надлежните институции сè уште не утврдиле поврзаност меѓу трагичниот настан и последователното поставување на пумпите кои, според истрагата, довеле до загадување на водата за пиење.
За случајот со оштетувањето на стакло на објектот, од Министерството за внатрешни работи информираат дека настанот не бил пријавен од страна на Општина Гостивар во полициска станица, а оштетеното стакло било заменето веќе следниот ден.
„Случајот од страна на општината не беше пријавен во полициска станица, а оштетеното стакло беше сменето веќе следниот ден. Настанот е квалификуван како кривично дело ‘оштетување туѓи предмети’, кое согласно законските одредби се гони по приватна тужба“, велат од МВР.
И покрај тоа што помина повеќе од еден месец од трагичниот настан, ниту Обвинителството ниту МВР засега не го поврзуваат со поставувањето на пумпите за кои во моментов под истрага се директорката на ЈП „Комуналец“ и уште две службени лица осомничени за загадувањето на водата во Гостивар.


