
Обвинителката Ленче Ристоска денеска поднесе оставка од функцијата јавен обвинител, образложувајќи дека не гледа простор за работа во согласност со принципите за кои, како што наведува, се залагала во текот на целата своја кариера.
Во својата јавна изјава, Ристоска посочува дека обвинителската функција отсекогаш ја доживувала како можност за придонес кон подобрување на системот, општеството и животот на граѓаните, а како особено значајни ги издвојува предметите што се однесуваат на нарушување на општествените вредности и владеењето на правото.
Таа наведува дека работата на високопрофилни случаи значи и соочување со моќни противници, кои преку влијание, притисоци и институционални механизми се обидувале да избегнат одговорност и да ја попречат нејзината работа. Според неа, во изминатите години јавноста била сведок на влијанија врз сведоци, притисоци, измени на законски решенија, чување предмети во фиока и нивно застарување.
Ристоска истакнува дека сакала своите заложби да ги заокружи преку кандидатурата за државен јавен обвинител, со визија за институција што ќе работи во јавен интерес, ќе се бори против корупцијата и криминалот и ќе ги штити правата на граѓаните.
Како клучни причини за оставката ги наведува последните одлуки во обвинителскиот систем. Таа посочува дека Советот на јавни обвинители ја отфрлил нејзината претставка за напад врз нејзиниот интегритет и самостојност, додека државниот јавен обвинител донел одлука да ѝ ги повлече овластувањата за застапување во клучни предмети кои се во завршна фаза.
Според Ристоска, овие одлуки сериозно ја ослабуваат позицијата на Јавното обвинителство и носат конкретни ризици за исходот на предметите што се однесуваат на висока корупција и криминал.
„Овие постапки се во директна спротивност со визијата за која се залагам, а тоа е обвинителство кое работи надвор од политички влијанија, ги штити своите професионалци и го брани јавниот интерес доследно и без селекција. Бидејќи не гледам простор за работа во согласност со тие принципи, денес поднесов оставка од функцијата јавен обвинител“, наведе Ристоска.
Во изминатиот период, таа беше во фокусот на јавноста и поради предметите што ги застапуваше, меѓу кои и „Талир 1“ и „Талир 2“, поврзани со ВМРО-ДПМНЕ.


