Утрински Весник
Македонија

Сељами: Најмногу претставки за правосудството, раст на загадувањето и институции што не реагираат навреме

602389693 1456207175868800 6206876792803849114 n 1.jpg

Механизми за рана интервенција во случаите на семејно насилство се неопходни за навремена заштита на жртвите, дури и кога тие формално не поднеле пријава, порача народниот правобранител Фатон Сељами на денешната прес-конференција по повод годишниот извештај за човековите права за 2025 година, доставен до Собранието.

Според Сељами, најголем проблем во справувањето со семејното насилство останува ненавремената и несоодветна институционална реакција, што во одредени случаи резултира и со трагични исходи. Анализите на институцијата покажале дека во случаи на фемицид постоеле сериозни пропусти во постапувањето, поради што е неопходен координиран и превентивен системски пристап.


Во конкретен анализиран случај, како што посочи омбудсманот, Центарот за социјални работи воопшто немал сознанија за проблемите во семејството, додека полицијата постапувала со задоцнување, барајќи формална пријава од самата жртва.

„Жртвата мора да биде сигурна дека државата ќе ја заштити, а не да биде приморана да се врати кај роднини, изложувајќи ги и нив на ризик“, нагласи Сељами.

Во извештајот е наведено дека институцијата постапувала по вкупно 2.921 претставка, од кои 2.400 биле поднесени во текот на 2025 година. Најголем број од нив се однесуваат на правосудството – 307 случаи или 12,79 проценти, потоа следуваат претставките од областа на потрошувачките права со 264 случаи, работните односи со 219 и детските права со 189 претставки.

Особено загрижувачка е состојбата со животната средина, каде што е забележан најголем раст на поплаки од граѓаните. Реакциите најчесто се однесуваат на загадениот воздух, пожарите на депонии и лошото управување со отпадот.

Сељами посочи дека државата не успева соодветно да одговори на овие проблеми, а институциите често ја префрлаат одговорноста една на друга. Дополнително, во земјава постојат само две интегрирани дозволи за депонирање отпад – за депонијата „Дрисла“ во Скопје и за една комунална дејност, додека дозволи за опасен и инертен отпад воопшто не се издадени.

Извештајот нотира и сериозни слабости во изборниот процес, при што над 70 проценти од избирачките места биле непристапни за лицата со попреченост.

Омбудсманот алармираше и за случаи на „бирократски апсурд“, наведувајќи пример со мајка која чекала речиси шест месеци за исплата на законски одобрена парична помош за новороденче поради технички пропуст во системот.

И покрај одредени позитивни поместувања, како подобрувања во образованието на штитениците во воспитно-поправните установи и законски измени за вработување на лица од аутистичниот спектар, извештајот констатира дека нема напредок во работата на управните судови и извршителите.

„Условите во казнено-поправните установи и понатаму се нехумани, деградирачки и го нарушуваат достоинството на лицата“, заклучи Сељами.

Можете да прочитате

Американската писателка Сара Пеканен доаѓа во Скопје на 25 април! 

Со „Б“ категорија да може да се возат мотоцикли до 125 кубика: ЗНАМ поднесе предлог-закон

Сиљановска-Давкова – Милатовиќ: Заедничка визија ни е стабилен и просперитетен регион, интегриран во Европската Унија