Утрински Весник
Македонија

Костадиновска-Стојчевска до Љутков: Ќе земат ли мартовска плата вработените во култура според колективен договор? 

Bisera kostadinovska stojchevska .jpg

Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на собраниската седница за пратенички прашања упати остри критики до министерот за култура Зоран Љутков, обвинувајќи го за недоследности во одговорите, непознавање на документите што ги потпишува и непочитување на законските обврски. Нејзините три пратенички прашања се однесуваа на нетранспарентноста во работењето на Министерството, доцнењето и контрадикторностите во одговорите, како и на односот кон вработените и клучните културни политики.

Во продолжение интегрален текст од прашањето Костадиновска-Стојчевска:


Министре, упорно продолжувате да не знаете што одговори се праќаат во ваше име до Собранието на пратеничките прашања и што потпишувате.

Имено, на моите три пратенички прашања поставени на 12.06.2025 година за тоа кој е државен секретар во министерството кое вие го раководите, иако бевте присутен на самата седница, сепак добив писмен одговор на 27.02.2025. Рокот за одговор на пратенички прашања е десет дена согласно Деловникот, член 43 став 2.И да го занемариме рокот во којшто службите ви одговориле е дека во периодот од 22.05 до 26.05.2025 година Министерството за култура немаше именувано лице на позицијата државен секретар во Министерството за култура и туризам.

Јас, министре, овде го имам документот од 19.05, каде што лицето коешто ви беше државен секретар вие го разрешувате од државен секретар, а на 28.05 ја унапредувате истата личност.

Значи, уште не е државен секретар и во тој период во којшто ви го напишале службите во пратеничкото прашање, каде што таа работи и функционира како државен секретар, што значи имала средби на разни настани, средба со амбасадор на соседна држава и е дел од делегацијата во Ватикан.

И како врв на ова, со пратеничкото прашање коешто го потпишавте и го пративте до Собранието, вие давате одговор дека нешто не ви е во ред со датумите и со документацијата. Овие документи, министре, и овие објави се направени од вас, потпишани од вас, од вашата администрација. И за разлика од вас, јас имам кај мене документи коишто се ваши, не како вие што правите на вашите прес-конференции каде што мавтате со документи од друг министер пред вас. Нема потреба, како јуни минатата година, да повикувате веднаш компјутерски криминал да истражува како излегле овие документи. Доволно е само да читате што потпишувате и да се грижите повеќе за вработените, наместо да ги казнувате.

Минатиот пат не бевте на седницата за опозициски пратенички прашања и вашиот, рече дека на сите три прашања ќе одговори писмено. Еве, повеќе од две-три недели, повторно нема одговор, а сите три прашања имаат една единствена цел – да одговорите зошто министерството две години по ред не постапува по член 65 став 4 од Законот за култура, каде стои дека министерството е обврзано да ги објави резултатите на веб-страницата на министерството, особено за националните установи.

Нема ниту еден пилот-проект, како вашиот измислен делегиран буџет, да го покрие тоа дека две години не се јавно достапни резултатите од годишниот конкурс.

Она што е добро во целата ситуација е дека, после моето прашање до заменик-министерот, добар дел од националните институции почнаа сами да ги објавуваат резултатите од годишната програма, односно да не ве слушаат, знаејќи дека повторно по стоти пат ги носите во ќорсокак, како што го правите и со пресметките за плата.

Моите три прашања тоа се следните:

Прво, како планирате и што планирате да направите за да го заштитите Курбиново со 20.000 денари за 2026 година, знаејќи дека и денес, како што пишуваа порталите, Управата за заштита не успеала да потпише ни дозвола, а имавте две години да направите експропријација на имотот околу црквата?

До каде сте со Законот за култура, Законот за заштита на културното наследство, Стратегијата за култура – денес ја објавивте после скоро две години на веб-страницата на министерството и на ЕНЕР, Стратегијата за креативни индустрии, кои патем најавувате дека ќе ги укинувате кога бевте опозиција, ама изгледа нешто се има сменето, и уште ред други документи кои се основни документи на Министерството за култура. Или поедноставно, кој е еден стратешки закон којшто сте го сработиле за скоро две години?

И третото прашање: Дали вработените во култура ќе ја земат мартовската плата по упатството што денес пак го пративте, потпишано само од вас, или по Општиот колективен договор, согласно член 14 став 1?

Центар за комуникации, СДСМ

Можете да прочитате

Зголемен број бездомни кучиња во Куманово

Приведени 12 возачи за безобѕирно управување возило, осум возеле без возачка дозвола, а четворица под дејство на алкохол

Врнежи од дожд во целата земја