Утрински Весник
Македонија

Сиљановска-Давкова по средбата со Милановиќ: Нема место за двојни стандарди во евроинтегративниот процес

Foto 3 5.jpeg

На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Загреб беше пречекана од претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, со што започна нејзината дводневна официјална посета на земјата.

Двајцата претседатели одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на македонската и хрватската делегација во чиј фокус беа традиционално пријателските билатерални односи.


На заедничката прес-конференција Сиљановска-Давкова истакна дека членството во Европската Унија останува една од стратешките определби на државата и се заблагодари за пријателскиот однос, поддршката и разбирањето од страна на Хрватска, како и за помошта во отворањето нови перспективи и можни решенија во процесот на европските интеграции.

Претседателката нагласи дека државата доследно се водела од Копенхашките критериуми, со цел да изгради функционален и демократски систем компатибилен со европските стандарди. Според неа, евроинтегративниот процес мора да остане заснован на заслуги, реформи и исполнување на европските критериуми, а не да биде оптоварен со билатерални историски, културни, јазични и идентитетски прашања.

Таа порача дека очекуваме еднаков третман и примена на исти стандарди како и за другите земји кандидати, со уверување дека во европските институции сè уште постои слух за аргументите, за правото и за достоинствено место на секој европски народ во Унијата.

Можете да прочитате

Судењето за пожарот во „Пулс“ продолжува со нови материјални докази

Скопјанец во Крива Паланка се обидел да измами повозрасна жена за сума од 35.000 евра

Заврши меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир 2026″ под покровителство на поранешниот Претседател Иванов