
Соопштение на Левица:
Владата нема сериозна стратегија за справување со енергетската криза која е на повидок. Наместо државнички пристап, сведоци сме на импровизација, стихија и дефокусирање на јавноста. Надлежните задоцнија цели две недели со мерките за заштита. Нашите пресметки покажуваат дека ова доцнење го чинеше народот повеќе од четири милион евра, средства кои завршија во буџетот за да се „крпат” дупки од лошо менаџирање.
Дополнително власта поставува погрешни приоритети. Се однесуваат понизно кон Окта како да станува збор за надреден субјект, а не за компанија која треба да биде регулирана во интерес на граѓаните. Наместо државничка реакција која ќе го штити јавниот интерес сведочиме срамен и понизен однос на власта кај менаџментот на Окта, што јасно покажува дека единствено нешто за што се грижи оваа влада се профитите на бизнис структурите.
Додека во јавност се пласираат неосновани пофалби како ние сме тие кои сега даваат помош и несоодветни споредби со алудирање на ковид кризата, во пракса се дозволува неконтролирана продажба на горива на странци без никаква заштита за домашното население.
Најавата за намалување на давачките за мазут, со образложение дека тоа ќе ја заштити цената на струјата за домаќинствата, покажува дека премиерот не разбира како функционира ЕЛЕМ. Оваа компанија не е регулирана од РКЕ туку владата директно му налага со која цена ќе учествува на тендерот за набавка на универзалниот снабдувач.
Тврдењата дека електроенергетскиот систем е стабилен се само фасада. Во суштина, сè е стихијно и се сведува на чиста импровизација од денес за утре.
Наместо празна реторика, бараме итно замрзнување на цената на дизелот на 92 денари, минимална маржа од 0,5 денари по литар за дистрибутерите, ослободување од ДДВ и акциза во зависност од берзанската цена, активирање на стоковите резерви и, ако е потребно, директна државна набавка на дизел.
Долгорочно потребни се стратешки инвестиции и тоа државен батериски систем за складирање на енергија и изградба на Чебрен со сопствени средства.
Доста е со крпење дупки преку грбот на граѓаните. Потребна е одговорност и знаење, а не сервилност пред корпоративните интереси!

