
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот муслимански празник – Рамазан бајрам, упати честитка до верниците од исламска вероисповед и до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху.
„Почитуван реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху, Вам, лично, на членовите на Ријасетот, на муфтиите и имамите, како и на сите верници од исламска вероисповед во Македонија, Ви упатувам најсрдечни честитки по повод големиот муслимански празник – Рамазан бајрам.
Големиот празник е повеќе од традиционална прослава и од придржување до норми и правила. Рамазан бајрам е израз на длабока вера, духовност, милосрдие, хармонија и љубов.
Енергијата и топлината на светиот месец не се присутни само во исламските верски објекти и во домовите на нашите сограѓани од исламска вероисповед, тие се чувствуваат во целата заедница.
Во време когa целото човештво се соочува со сериозни конфликти, војни, кризи, климатски промени и кога насушно ни се потребни мир и стабилност, само со сплотеност, почитување и меѓусебно уважување можеме да градиме здраво општество и просперитетна татковина.
Да продолжиме да ја негуваме пријатната атмосфера во текот на целата година и да бидеме исполнети со благост, солидарност и емпатија. Со цврста волја, силна верба и заедништво, ќе ги надминеме сите предизвици и тешкотии.
Бајрам Шериф Мубарек Олсун.
Благословен и честит нека е празникот Рамазан бајрам“ , напиша во честитката претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

