
Пратеници од Европски фронт предводен од ДУИ денеска во Собранието поднесле Предлог-резолуција за спроведување на Законот за употреба на јазиците во правосудниот испит, како иницијатива што произлегува од студентите по право, кои побараа правосудниот испит да го полагаат на албански јазик.
„И покрај фактот што студентите Албанци ги следат и ги завршуваат студиите на албански јазик на акредитирани универзитети во државата, ним им е оневозможено полагањето на правосудниот испит на нивниот мајчин јазик. Оваа состојба претставува директно прекршување на Законот за употреба на јазиците и го нарушува уставното начело на еднаквост пред законот.
Резолуцијата поднесена во Собранието, поддржана од пратениците Албанци од опозицијата, бара од надлежните институции – особено од Министерството за правда и Комисијата за правосуден испит – да преземат итни мерки за целосно и доследно спроведување на законот, обезбедувајќи организирање на испитот и на албански јазик.
Нагласуваме дека правосудниот испит е професионален испит за проверка на правните знаења и не смее да се користи како дискриминаторски или ограничувачки механизам врз основа на јазик.
Нецелосното спроведување на законот создава нееднаква и дискриминаторска состојба, ограничувајќи го еднаквиот пристап до правната професија за цела категорија студенти. Ваквата практика е неприфатлива во држава која тежнее кон владеење на правото и почитување на основните права.
Преку оваа резолуција се бара институционална одговорност и конкретно дејствување, со цел да се гарантира еднаков третман и целосно почитување на јазичните права, во согласност со важечкото законодавство.
Оваа иницијатива претставува важен чекор кон зајакнување на еднаквоста, правдата и функционирањето на правната држава“, стои во соопштението на Европски фронт.


