Утрински Весник
Македонија

Во Кочани откриено спомен-обележје за Илчо Гоцевски, возач на Итната помош

653700178 1507366680905460 4180066017945293628 n optimized 300 800x450 1.jpg

Со звук на сирена од болничко возило, пред Итната медицинска помош во Општата болница во Кочани денеска беше откриено спомен-обележје во чест на Илчо Гоцевски – човекот кој многумина го нарекуваат 64-та жртва на трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“.

Илчо, познат како Иле меѓу колегите, почина на 17 март во својот дом, откако претходната ноќ, во екот на трагедијата, неуморно ги транспортирал повредените до скопските клиники. Во текот на ноќта меѓу 16 и 17 март, тој со возилото на Итната медицинска помош извршил 11 транспорти на повредени лица.


По долга и исцрпувачка ноќ, исполнета со борба за спас на човечки животи, Иле починал во сон во вечерните часови.

Спомен-обележјето е поставено на иницијатива на неговите колеги од Итната медицинска помош, а иницијативниот одбор го предводел Љупчо Ѓоргиевски, член на Советот на Општина Кочани.

Во емотивното обраќање, Ѓоргиевски истакна дека Иле не бил само колега, туку човек кој оставил длабока трага кај сите што го познавале.

„Иле не беше само колега – тој беше брат, пријател и поддршка. Во најтешките моменти покажа нешто што не се учи – несебична храброст. Додека други би се повлекле, тој чекореше напред, воден од желбата да помогне. Го даде највредното – својот живот за да спаси други“, рече Ѓоргиевски.

Бистата на Гоцевски е донација од вајарот Филип, а на откривањето присуствуваа претставници на Владата, пратеници, членови на Советот на Општина Кочани, вработени во болницата, негови колеги, семејството и бројни граѓани.

Илчо Гоцевски ќе остане запаметен како симбол на тивко херојство, човечност и несебична пожртвуваност – човек кој до последен момент се бореше да спаси туѓи животи.

Можете да прочитате

Сиљановска-Давкова прими претставници на Државниот завод за ревизија

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ е дел од Самитот на ЕПП, ќе разговараме за глобалните предизвици, а ние ќе ставиме акцент и на проширувањето на ЕУ

СДСМ: Паниката во ВМРО ја извади на површина Платформата за рушење на СДСМ