Утрински Весник
Македонија

Д-р Јасмина Ѓорѓиевска: Брзата тријажа и навремената проценка на изгорениците беа клучни во првите часови по трагедијата во Кочани

20260315172204 big 730x400 82.webp.webp

Брзата тријажа, навремената проценка на изгорениците и итниот третман биле клучни за згрижувањето на повредените во првите часови по трагедијата во Кочани, истакна директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија Јасмина Ѓорѓиевска на Меѓународната конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“.

Во своето обраќање Ѓорѓиевска посочи дека по повикот во раните утрински часови за кратко време бил мобилизиран најголемиот дел од персоналот на Клиниката и веднаш се пристапило кон прием и тријажа на повредените. Најпрво, појасни, се проценувало кои делови од телото се изгорени и колкав процент е изгорена површина, колкава е длабочината и дали постои инхалациона повреди, како и колкава е длабочината на изгорениците и дали пости инхалациона повреди.


– Тоа утро доктор Мерџановски се јави околу 3 часот и 45 минути, кога рече дека има голема трагедија, дека има голем пожар којшто не знаеме колку луѓе има повредени. За десетини минути, како и сите ние бевме спремни, јас бев веќе на работното место, во меѓувреме со јавувања за да може да се екипира најголемиот дел на персонал коишто околу педесет отсто можам да кажам дека за половина час беа на работа, без прашање што и зошто. За неполн час, повеќе од 90 отсто веќе беа присутни на работното место, посочи Ѓорѓиевска.

Според неа, како пластични хирурзи најпрво се проценувало кои делови од телото се изгорени, колкав е процентот на изгорената површина, колкава е длабочината на изгорениците и дали постои инхалациона повреда. Таа посочи дека кај најголем дел од повредените биле регистрирани изгореници на лицето, дорзумот на шаката, рацете и грбот.

– Најчесто изгорениците беа на лице, на дорзом на шака, на рацете и на грбот. Едно што јас утврдив, како пластичен хирург, беше дека кај тие деца не беше запалена облека, кај тие деца беа изгорени површини коишто беа отворени, површини коишто биле во контакт дали агенс, дали топлина, дали некоја супстанца која што ги направила тие изгоретени од втор, трет подлабок степен… Со тријажата и со брзата есхаротомија, мислам дека многу од тие деца добија и шанса да им останат нивните екстремитети односно нивните шаки витални, и таа брза проценка кој како што треба да си ја заврши својата работа не направи толку брзи и толку експедитивни со толку останати деца преживеани, нагласи Ѓорѓиевска.

Брзата тријажа, додаде, е од особена важност кај опекотините и ја истакна улогата на болниците во Кочани и Штип во првичното згрижување и транспортот на пациентите.

Во обраќањето посочи и дека дел од повредените брзо губеле свест, поради што било потребно и реанимациско постапување. Како значајна мерка ја издвои иницијативата за означување на имињата и датумите на раѓање на телата на повредените, со цел нивна побрза идентификација и натамошен транспорт.

– Друго што сакам да напоменам, децата брзо губеа свест каде што тука настануваше реанимација. Едно нешто коешто го иницирав, беше пишувањето на имиња на телата на децата, пошто тие беа без лични документи. Значи нивното име и презиме и нивната дата на раѓање, мислам дека исто така придонесе за нивна брза идентификација, и за нивна брза транспортибилност кон другите држави, истакна Ѓорѓиевска.

Изрази благодарност за поддршката од болницата „Папаниколау“ во Солун, која, како што рече, многу рано се вклучила во комуникацијата и помогнала со протоколи и документација за соодветен транспорт на пациентите во странство. Таа упати благодарност и до медицинскиот и немедицинскиот персонал, како и до сите држави и влади што биле вклучени во справувањето со последиците од трагедијата.

Можете да прочитате

Стојановски: Големата трагедија за жал беше доказ дека здравствениот систем може да функционира

Д-р Крисаги Гинаки: Кога станува збор за здравјето единствениот начин е соработката

Вечерва во 02.32, минута молк пред „Пулс“