Утрински Весник
Скопје

Герасимовски: Два нови ДУП-а за Калето и опфатот околу Француските гробишта,  повеќе зеленило, спортски објект и уреден простор

Sovet.jpeg

На шестата.седница на Советот на Општина Центар донесени се два нови детални урбанистички плана, за Градска четврт ЦС 14 „Кале и СРЦ Кале” и за Градска четврт ЦС 01 „Француски гробишта, Тетовска трошарина и Парк 2″.

Донесувањето на овие ДУП-ови претставува усогласување со Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012–2022. Дополнително, за првпат се носи детална урбанистичка документација за просторот околу Калето, со што се отвораат можности за современо уредување и подобра организација на просторот.


Со новите планови се унапредува сообраќајната и пешачката инфраструктура, а се предвидуваат и нови велосипедски патеки на главните улици „Самоилова” и „Лазар Личеноски”. Тие ќе бидат поврзани со рекреативната патека покрај Вардар, со цел да се обезбеди функционална велосипедска мрежа на растојание од 200 до 300 метри. Предвидено е и подобрување на условите за пешаците, со пошироки тротоари и нови дрвореди.

На најатрактивниот дел покрај Вардар приоритет ќе имаат пешаците, со дозволен пристап на возила само  за објектите кои имаат одобрение за градење со такви услови.

Во планот за ДУП Градска четврт ЦС 01 се предвидува спортски објект на државно земјиште покрај кејот, со површина од 9.295 квадратни метри. Во претходниот план на истиот простор беа предвидени хотелски комплекси.

Со ДУП Градска четврт ЦС 14, на приватното земјиште под Калето се планира изградба на пониски хотели со катност П+3, додека на државното земјиште се предвидува парковско зеленило со површина од 3.074 квадратни метри. Јужно од планираниот профил на булеварот „Климент Охридски” се планираат содржини од јавен интерес , парковско зеленило со површина од 2.280 квадратни метри и јавен паркинг со површина од 3.765 квадратни метри.

„Со ДУП Градска четврт ЦС 14 за првпат на ниво на детално планирање се разработува просторот на Скопското Кале. Планираме да создадеме поврзан, уреден и инклузивен простор. Предвидуваме и можност за поставување музејски изложби на отворено, со што овој симбол на Скопје, богат со историја и култура, ќе го доближиме уште повеќе до граѓаните и посетителите. При подготовката на планот ги земавме предвид и сугестиите на стручните лица од Музејот на современа уметност”,  рече  градоначалникот Горан Герасимовски.

Можете да прочитате

Поради протест денеска посебен режим на сообраќај во Скопје

Професорот пријавен за сексуално вознемирување ученичка е суспендиран

Најтопло денеска во Скопје – 24info.mk