Утрински Весник
Македонија

Марта Гусар: Системот не лебди над нас – конкретни луѓе се одговорни за пропустите

Img 9867.jpeg

Во дебатата за зачестените случаи на насилство и фемициди, адвокатката Марта Гусар вечерва во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV упати остра критика кон начинот на кој во Македонија се дефинира институционалната одговорност.

Според неа, честото користење на фразата „системот е виновен“ станало параван зад кој се кријат конкретни лица кои не ја извршуваат својата работа.


„Навикнати сме да велиме дека системот е крив, но никој не сака да се препознае во него. Системот не е некакво непознато тело што лебди над нас, туку го сочинуваат луѓе со име и презиме кои се поставени на одредени позиции и се платени да постапуваат. Кога институцијата не реагира, тоа значи дека конкретно лице не презело дејствие“, истакна Гусар.

Таа посочи дека во институциите често се поставуваат кадри по партиска линија, што дополнително ја отежнува одговорноста кога ќе се појават сериозни пропусти.

Гусар потсети и на црната статистика од 2025 година, кога беа регистрирани неколку случаи на фемицид – во јануари, мај и септември – нагласувајќи дека трагедиите се резултат на долготрајна институционална неактивност.

Според неа, еден од клучните проблеми е отсуството на професионална проценка на ризикот во случаи на семејно насилство.

„Често постои долг континуитет на насилство во семејството, но институциите не успеваат навреме да го препознаат ризикот и да го прекинат тој ланец“, предупреди адвокатката.

Гусар заклучи дека е неопходно да се стави крај на анонимноста на институционалните неуспеси и директно да се утврдува одговорноста кај лицата кои раководат со институциите и носат одлуки.

Можете да прочитате

Петровска: Како една од 120 пратеници им се извинувам на родителите од Кочани

Трагедија во Тафталиџе: Детето тропало по врати и барало помош

Гусар: Мажите жртви на насилство молчат од срам, институциите ги исмеваат наместо да ги заштитат