Утрински Весник
Свет

Трамп: Не сакам Курдите да се вклучат во војната во Иран

Image 2026 03 08 112149305.png

Американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли можноста курдските борци да се вклучат во војната во Иран.

– Го исклучив тоа, не сакам Курдите да влезат. Не сакам Курдите да бидат повредени или убиени. Имавме добри односи. Тие се подготвени да влезат, но јас навистина им реков дека не сакам да се вклучуваат – изјави Трамп пред новинарите во претседателскиот авион „Ер Форс Уан“.


Трамп нагласи дека Вашингтон „не сака војната да стане посложена отколку што веќе е“.

Многу ирански Курди живеат во соседен Ирак поради систематскиот прогон во нивната татковина. Дел од нив сега гледаат можност за соборување на иранската влада и за добивање поголема заштита и слободи доколку таму дојде до промена на власта, посочува ДПА.

Трамп неодамна телефонски разговарал со неколку курдски лидери.

„Волстрит џурнал“, повикувајќи се на американски владини претставници, претходно објави дека Трамп размислува за поддршка на ирачките Курди во борбата против иранското раководство.

Според некои медиумски извештаи, американската разузнавачка агенција ЦИА почнала да вооружува курдски групи во регионот пред неколку месеци.

Белата куќа ги отфрли тие извештаи како неточни.

Курдите се етничка група од околу 30 милиони луѓе кои живеат главно во Ирак, Иран, Сирија и Турција.

Можете да прочитате

Синот на Али Хамнеи ја презема власта: Моџтаба нов врховен лидер на Иран

Кина повика на прекин на огнот и запирање на војната

Арагчи: САД побараа прекин на војната