Утрински Весник
Македонија

Тројцата обвинети полицајци од Кочани не се чувствуваат виновни во предметот поврзан со „Пулс“

Diskoteka Puls Pozar Kocani 22.jpg

Тројцата обвинети полициски службеници од Кочани денеска пред Судот изјавија дека не се чувствуваат виновни по обвинението што произлегува од постапувањето по контроли поврзани со дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде на 16 март минатата година во пожар загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Со читање на обвинителниот акт во Основниот кривичен суд – Скопје денеска започна судскиот процес против тројцата полициски службеници од Полициската станица во Кочани, обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување, во предмет поврзан со извршени контроли во угостителскиот објект „Пулс“.


Според обвинението, во периодот од 7 октомври 2023 до 7 февруари 2024 година, обвинетите Кире Богатинов и Горан Лазаров, како службени лица, не ги извршиле своите службени должности, односно не постапиле во целост по анекс-плановите за акциска контрола од 5 октомври и 24 ноември 2023 година при изготвување записници за извршена контрола.

Во записниците, како што наведе Обвинителството, биле констатирани прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир, но биле внесени неточни податоци за правното лице кабаре „Пулс“ во Кочани.

Третообвинетиот Александар Темелков, според обвинителниот акт, при одобрување на барања за поведување прекршочна постапка од 1 и 7 февруари 2024 година, не ја проверил целокупната документација приложена кон барањата, иако бил должен тоа да го стори, туку ги потпишал и ги поднел до судот во Кочани.

Барањата биле изготвени против неактивното правно лице „Класик“ Кочани и физичко лице посочено како одговорно во „Пулс“, иако, според обвинението, тие не биле активни субјекти во моментот на постапувањето.

Со ваквите дејствија, тројцата обвинети, според Обвинителството, прибавиле имотна корист за „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани, подружница „Кабаре Пулс“, како и за одговорното лице, на начин прецизно опишан во обвинителниот предлог.

Обвинителката во воведното излагање посочи дека анекс-плановите за акциска контрола, предложени како доказ во постапката, прецизно ги утврдувале обврските на полициските службеници, вклучително и прибирање на материјална документација и проверка на податоците за правното и одговорното лице во објектот каде што е констатиран прекршок.

– Во конкретниот случај таква материјална документација не е побарана. Запишано е правно лице кое во моментот било неактивно и одговорно лице кое не било активно, на т.н. подружница на правното лице што стои во позадина, изјави обвинителката.

Во однос на третообвинетиот, таа појасни дека иако имал можност да ја провери состојбата преку приложената документација, вклучително и тековна состојба од Централниот регистар, сепак ги потпишал барањата и ги доставил до судот, каде постапките сè уште се во тек и не е донесена одлука.

Според Обвинителството, доколку била донесена одлука врз основа на таквите барања, казната би се однесувала на неактивно правно лице и лице кое фактички не било одговорно, со што активното правно лице и вистинското одговорно лице би избегнале санкција.

Судењето продолжува на 18 март со испитување сведоци предложени од Обвинителството.

Можете да прочитате

Василевски: Нуклеарната програма на Иран започна со американска поддршка

Василевски за 4TV.mk: Директна воена закана за копнена Европа нема, но можен е сериозен економски удар

Судот одреди притвор за сопругот на починатите жена и дете од Карпош