
Изјава на претседателот на СДСМ, Венко Филипче
Денеска гостин во земјата е генералниот секретар на НАТО, господинот Марк Руте. Имавме прилика да го слушнеме неговото обраќање во Собранието.
Би рекол дека членството во НАТО е резултат на стратешките, визионерските и државничките политики на Социјалдемократскиот сојуз во изминатите повеќе децении. Тој пат не беше лесен, меѓутоа сега конечно можеме да се чувствуваме безбедни, со загарантирани граници, благодарение на тоа што сме дел од најголемиот безбедносен сојуз во светот.
Колку е тоа важно гледаме особено во овие кризни времиња, кога на повеќе места во светот има војни. Ова што веќе четири години трае на територијата на Украина е резултат на агресијата на Русија. И новите жаришта што се појавуваат на повеќе места во светот дополнително ја нагласуваат важноста на нашето членство. Ова е трајна придобивка за нашата земја.
Жалам што и во текот на денешниот ден ВМРО-ДПМНЕ излезе со одредени квалификации, во кои политиките на Социјалдемократскиот сојуз во контекст на членството во НАТО ги нарече предавнички. Не знам за какво предавство станува збор, кога отсекогаш сме се бореле и ќе се бориме исклучиво за доброто на државата и на сите граѓани.
Генералниот секретар Руте имаше одличен говор. Сметам дека упати јасни пораки до Владата. Посочи дека Русија е агресор во Украина и дека прави сојуз со Кина и со Северна Кореја.
Пораката кон Владата е јасна. Позициите се веќе познати и оваа Влада повеќе ништо не може да сокрие. Имаме вицепремиер кој отворено негува врски со Русија – вицепремиерот Стоиљковиќ. Вториот човек во Владата се среќава со „Ноќните волци”, кои се во директна комуникација со рускиот претседател Владимир Путин.
Дополнително, тука се и кинеските пари што пристигнаа преку заемот од Унгарија од една милијарда евра – средства за кои во извештаите на европските институции беше констатирано дека станува збор за кинеско финансирање.
Сметам дека ова е сериозен сигнал дека нашиот одбранбен чадор внимателно ги следи политиките што ги води актуелната Влада и јасно и отворено укажува на нив.


