Утрински Весник
Македонија

Битиќи: Минималната плата расте затоа што мора, не затоа што Владата сака

Fatmir bitiki.jpeg

Поранешниот вицепремиер и актуелен пратеник од СДСМ, Фатмир Битиќи, преку објава на социјалните мрежи ја критикуваше Владата по повод најавеното зголемување на минималната плата, оценувајќи дека станува збор за законска обврска, а не за вистинска социјална политика.

Според Битиќи, зголемувањето на минималната плата за 1.667 денари, со што таа ќе достигне 26.046 денари нето, претставува механизам што веќе постои во системот и се реализира затоа што е законски задолжителен, а не како резултат на политичка волја.


„Достоинствена плата може да се добие само со достоинствена Влада – Влада што има волја да седне на маса со работниците, да слушне, да преговара и да донесе одлуки што го признаваат трудот како вредност, а не како трошок што се усогласува еднаш годишно“, напиша Битиќи.

Тој посочува дека паралелно со усогласувањето на минималната плата, Владата промовирала и сопствена потрошувачка кошница која, како што наведува, е за околу 13 проценти пониска од синдикалната. Доколку синдикалната кошница за февруари изнесува 67.382 денари, владината пресметка би била околу 58.622 денари, односно намалување од 8.760 денари „само на хартија“, тврди пратеникот.

Битиќи оценува дека дури и со пониската владина кошница, на едно семејство му се потребни околу 2,25 минимални плати за покривање на основните трошоци, додека според синдикалната пресметка потребни се околу 2,59 минимални плати.

„Ова е обид сиромаштијата да се пресмета поевтино – бројките се намалуваат, но маката останува“, наведува тој, додавајќи дека достоинствената власт не треба да се плаши од социјален дијалог и работнички протести, туку да ги гледа како демократски коректив.

Битиќи заклучува дека вистинската социјална политика се мери преку подготвеноста на институциите да водат дијалог со работниците и синдикатите, а не само преку формално исполнување законски обврски.

Можете да прочитате

(Видео) Тешка сообраќајка кај Соборниот храм во Скопје

Николоски: Патот од Фариш до Прилеп не смее да остане црна дупка, ќе се гради автопат или експресен пат 

Премиера на новата детска претстава „Металковци патуваат” на Малата сцена во МОБ