Утрински Весник
Македонија

Филков: Седницата за изборните реформи е одложена

Filkov.jpeg

Одложена е денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство. Ќе се одржи идната недела поради технички причини. Министерот за правда, Игор Филков, појасни дека членовите воопшто не навлегле во суштинска расправа, бидејќи првично мора да се утврди дневниот ред.

Главната пречка за денешното одложување биле јазичните бариери и потребата од превод на материјалите.


,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, изјави Филков.

Министерот изрази надеж дека веќе следната недела членовите ќе усогласат термин за нова средба. Очекувањата се тогаш да се избере претседател на групата и официјално да започне процесот во кој сите страни ќе ги приложат своите предлози за измени во изборниот модел.

Можете да прочитате

Мицкоски: Информацциите зошто Груби не бил испратен во „Шутка“ се доверливи

AХВ до градоначалникот на Крива Паланка: Кравите не можат да се соберат преку ноќ!

Блокирана патеката на Матка поради сериозна опасност од одрони