Утрински Весник
Македонија

Советот на јавни обвинители: Немаме надлежност да вршиме надзор во случајот на Артан Груби

Whatsapp image 2025 04 01 at 15.22.56.jpeg

Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија соопшти дека во оваа фаза нема надлежност да врши надзор над законитото постапување на јавните обвинители, посочувајќи дека таа улога, согласно законските одредби, ѝ припаѓа на повисокото јавно обвинителство.

Реакцијата на Советот следува по јавната прозивка од министерот за правда Игор Филков, кој побара итно свикување седница за разгледување на постапувањето на обвинителите во случајот со поранешниот вицепремиер Артан Груби.


Од Советот појаснуваат дека, согласно член 28 од Законот за јавното обвинителство, надзорот над законитоста во работата на јавните обвинители го врши повисокото јавно обвинителство, а не Советот на јавни обвинители. Во соопштението се нагласува дека институцијата во моменталната фаза нема законска основа да постапува во однос на надзорната постапка.

Министерот за правда Филков претходно побара одговорност од сите инволвирани во одредувањето на мерката куќен притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби, истакнувајќи дека мора јасно да се утврди дали имало пропусти. Тој ги повика Судскиот совет и Советот на јавните обвинители итно да одржат седници и да утврдат дали постои основ за одговорност кај судијата и обвинителот.

Филков побара и појаснување од јавниот обвинител Даниел Коцев, раководителот на надлежното обвинителство Анел Фидоски, како и од судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски.

Поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој е осомничен за криминал тежок осум милиони евра поврзан со набавка на ВЛТ-апарати во „Државната лотарија“, на почетокот на неделата беше уапсен на граничниот премин Блаце. По апсењето, судија на претходна постапка му одреди мерка 30-дневен куќен притвор со 24-часовен надзор.

Можете да прочитате

Филков до ДУИ: Правосудниот испит е стручен испит, не е управна постапка

Вечерва започнува „Ноќно студио“ на 4TV

Мојсоска бара вонреден надзор за сите што поседуваат дозволи за експлоатација во Струга