Утрински Весник
Македонија

„Сите знаеја кога ќе има полициска рација“ – нови детали за функционирањето на дискотеката

Diskoteka Puls Pozar Kocani 22.jpg

Со нови потресни сведоштва денеска продолжи судењето за трагичниот пожар во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани, при што сведоците детално ја опишаа ноќта кога избувна огнената стихија.

Алберто Миладинов од Кочани, кој кобната вечер го снимал настапот на групата ДНК, сведочеше дека плафонот се запалил точно во 2:32 часот по полноќ на 16 март 2025 година.


Тој изјави дека во дискотеката одел уште од својата 16-та година и дека објектот отсекогаш имал само една врата за влез и излез. Иако просторот бил реновиран, како што посочи, никогаш не му била побарана лична карта додека бил малолетен посетител.

Сведокот раскажа дека вечерта купил билет од 500 денари, но не добил фискална сметка ниту за влезот, ниту за пијалаците во објектот.

Тој посочи и дека и претходно во дискотеката се користела пиротехника за време на настапи, како и дека полициски рации биле честа појава.

„Малолетниците си заминуваа пред да дојде полицијата. Дознаваа преку другари, но како тие знаеле дека ќе има рација – не знам“, рече сведокот.

Според неговото сведочење, кога пристигнал околу полноќ имало обезбедување на вратата, но лицата не биле униформирани ниту јасно означени. Во моментите пред пожарот, атмосферата станала загушлива, а температурата нагло се зголемила.

Тој бил извлечен од објектот од двајца покрупни мажи, за кои не знаел дали биле дел од обезбедувањето, а при препознавање во судницата не ги идентификувал обвинетите обезбедувачи.

„Мојот другар Горјан беше свесен, но ногата му беше скршена на две места и дислоцирана“, изјави Миладинов.

Пред судот сведочеше и Бојан Клименков, кој претходно работел како келнер во „Пулс“, но таа вечер бил таму како гостин.

Тој изјави дека работел три сезони без да биде осигуран и дека пиротехника се користела и во минатото.

„Не видов кој ја запали. Се активираше на копче. Плафонот се запали над левата прскалка и веднаш настана паника. Луѓето почнаа да викаат, а Панчо на микрофон извика: ‘Деко, гори, гори!’“, сведочеше Клименков.

Според него, сопственикот Дејан Јованов се обидел да го изгасне пожарот со противпожарен апарат, но без успех, по што било упатено предупредување сите да излезат надвор.

Клименков ги посочи и лицата кои помогнале во спасувањето на присутните, меѓу кои Лазар Захариев, Методиј Клименков, Мартин Јосифов и Драган Петрушев. Откако бил извлечен од објектот, тој се онесвестил и подоцна паднал во кома.

Сведокот додаде дека посетителите однапред знаеле кога ќе има полициски инспекции за малолетници и по нивното заминување повторно се враќале во објектот.

Судењето за трагедијата во „Пулс“ продолжува на 5 март, кога се очекуваат нови сведочења и дополнително расветлување на околностите под кои избувнал пожарот.

Можете да прочитате

Спасовски: Ако не се покачи минималната плата, Македонија ќе остане без своите работници

71-годишна жена почина во пожар во Ќерамидница

Рокас: Процесот на пристапување во ЕУ е дефиниран со договори