Утрински Весник
Македонија

Левица: Куќниот притвор на Груби прв резултат на обвинителството раководено од кадри на ДПМНЕ

Levica.jpg

Соопштение на Левица:

Откако ДПМНЕ Артан Груби глатко го пушти во бегство, 14 месеци недостапност завршија со куќен притвор. Лице кое повеќе од една година било недостапно за органите на прогонот, што претставува најсилен можен доказ за ризик од бегство, добива поблага мерка. Во правна држава, ваква околност води кон засилување на притворот, кај нас, води кон негово олеснување.


Дополнително загрижува фактот што јавноста доби две спротивни објаснувања во краток временски рок. Прво беше соопштено дека нема поплаки за небезбедност и дека во притворот се гарантираат условите како за секој друг притвореник. Потоа, обвинителството се повика на „индиции” за загрозена безбедност како основ за замена на мерката со куќен притвор, повикувајќи се и на наводна загрозеност на безбедноста на семејството.

Одговорноста за оваа одлука е во системот што го раководи в.д. државниот јавен обвинител Анита Тополова-Исајловска, која важи за фаворит на ДПМНЕ за иден републички јавен обвинител. Станува збор за обвинителка која во минатото бараше пад на предметот „ТАЛИР”, случајот за нелегално финансирање на ДПМНЕ. Дополнително, нејзините блиски политички релации, како сопруга на ексминистер од истата партија не беа пречка за нејзино позиционирање. Денес гледаме како изгледа тој избор во пракса и по налог на политички пазар – олеснителна мерка за лице кое 14 месеци било во бегство.

Во истиот обвинителски систем делува и новиот шеф на скопското јавно обвинителство Анел Фидоски, кој со преквалификација во завршна фаза овозможи застарување на случајот со малата Тамара. Тоа беше јасен пример како процесните механизми можат да се искористат за да се избегне одговорност во предмет од висок јавен интерес. Денешната одлука за куќен притвор се вклопува во истиот образец – флексибилност кога предметот е политички чувствителен.

Левица јасно укажува дека ова е првиот конкретен резултат од кадровската политика на ДПМНЕ во обвинителството. Наместо еднакви стандарди, гледаме селективна строгост. Наместо владеење на правото, гледаме управување со правдата според политички контекст. Ако ова е моделот што ќе продолжи, јавноста има право да заклучи дека институциите не функционираат како гарант на правдата, туку како механизам за нејзино прилагодување.

Можете да прочитате

ДУИ бара Филков да биде разрешен

Алиу: Привремено дозволено пушење на терасите на локалите отворени од најмалку две страни

65-годишник измамен за 22.000 денари