
Во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, Грција ги потпишаа договорите со американската „Шеврон“ и грчката „Хеленик енерџи“ за доделување ексклузивни права за истражување и експлоатација на јаглеводороди во морските подрачја јужно од Крит и јужно од Пелопонез, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис посочи дека четирите блока, каде што ќе дејствуваат двете компании, опфаќаат огромна површина, денес програмата за истражување покрива речиси 48.000 квадратни километри, а „со овој договор, само со потписот, површината ќе достигне 94.000 квадратни километри“.
Нагласи дека „Грција многу добро ја разбира улогата што јаглеводородите ја играат во енергетскиот систем на земјата“ и затоа инвестира во гасоводи, компресорски станици, ЛНГ-терминали и електрани на природен гас, а „историската одлука на ЕУ постепено да го прекине увозот на руски природен гас отвора нови можности за земјата“.
– Сакаме да произведуваме наш гас. Европа има потреба од него, а ние сакаме да го обезбедиме. Затоа ни е особено драго што ја пречекуваме „Шеврон“ во Грција. Вие сте компанија со долга историја во јаглеводородите, што добро го знае источен Медитеран, и како американска компанија вашиот влез во Грција претставува уште еден доказ за многу силниот стратешки однос меѓу Грција и САД, однос што од ден на ден станува сè посилен. Резултатот од истражувањето е неизвесен, сите го разбираме тоа. Нема да имаме јасна слика додека не се обидеме. Но, веруваме во оваа мисија и драго ни е што и „Шеврон“ и „Хеленик енерџи“, нашиот национален шампион во енергетиката, се овде како партнери – посочи Мицотакис.
На крајот на октомври минатата година, американската компанија „Шеврон“ и грчката „Хеленик енерџи“ ја добија концесијата за истражување и експлоатација на јаглеводороди во морските подрачја јужно од Пелопонез и јужно од Крит откога еден месец претходно доставија заедничка понуда и заедничко учество на објавениот тендер од Министерството за животна средина и енергетика на Грција.

