Утрински Весник
Економија

Левица: Владата го претвора домувањето во извор на профит за странски фондови, граѓаните се туркаат во доживотен закуп

Levica.webp.webp

Соопштение за јавност на Левица:

Владата на ДПМНЕ влезот на странски инвестициски фондови во станбениот пазар го претставува како успех и доказ за доверба во економијата. Но, вистината е дека странските фондови не инвестираат во Македонија затоа што економијата е силна, туку затоа што домувањето овдека носи екстремно висок принос. Додека во земји како Данска каматните стапки и приносите од недвижности се движат околу 2-3%, во Скопје приносот од кирија достигнува 5-7%. Тоа значи дека Македонија станува финансиски пазар со висок принос за странските фондови, а не држава што обезбедува достапно домување за сопствените граѓани.

Ова создава фундаментална промена во структурата на пазарот. Кога инвестициските фондови купуваат цели згради, тие станови трајно се повлекуваат од пазарот на продажба и се претвораат во средства за изнајмување. Тоа значи дека иако физички се зголемува бројот на станови, реалната достапност на станови за купување не се зголемува.

Со тоа, се создава систем во кој граѓаните се исклучени од можноста да стекнат сопствен дом. Наместо становите да бидат достапни преку станбени кредити за нашите граѓани, тие стануваат портфолија на инвестициски фондови кои генерираат континуиран приход. Секој стан купен од фонд е стан што никогаш нема да биде продаден на млади семејства, туку ќе остане трајно средство за профит.

Дополнително, ова директно влијае врз цените. На нормален пазар, зголемената понуда доведува до намалување на цените. Но, кога фондовите купуваат станови и не ги враќаат на пазарот на продажба, се создава вештачки ограничена понуда. Тоа значи дека цените нема да се намалуваат, дури и кога се градат нови згради. Напротив, цените ќе останат високи затоа што фондовите инвестираат само ако можат да обезбедат одреден принос, со што практично поставуваат ценовен минимум под кој пазарот не може да падне.

Ова води кон долгорочна трансформација на општеството. Наместо општество на сопственици, се создава општество на закупци. Наместо граѓаните да градат сигурност преку сопствен имот, тие ќе бидат принудени да плаќаат кирија со децении, без можност да стекнат сопственост.

Владата на ДПМНЕ не само што не го спречува овој процес, туку активно го овозможува. Наместо да спроведе политики што ќе го заштитат правото на домување, таа дозволува странските фондови да го претворат македонскиот станбен пазар во извор на профит и дополнително, потсетуваме дека во три наврати беше одбиен предлогот на #Левица за ограничување на кириите. Оттука, македонските недвижнини, основните услови за живот на граѓаните, се предават на на глобалниот финансиски капитал.

Последиците од ваквите политики веќе се познати во европски градови како Берлин, Прага и Даблин, каде за помалку од една деценија цените на становите пораснаа до степен што и луѓе со стабилни приходи не можат да си дозволат сопствен дом, претворајќи го домувањето од основна потреба во привилегија зависна од наследство или долгогодишно задолжување. Наместо да ја спречи оваа состојба, нашите власти свесно го туркаат истиот модел и кај нас, создавајќи услови во кои пазарот работи исклучиво во корист на инвеститорите и банките, а на штета на граѓаните. Ова е политичка одлука со директни последици особено за младите кои ќе работат повеќе, ќе должат повеќе, а сè потешко ќе доаѓаат до сопствен дом, додека профитот ќе се сконцентрира кај мал број моќници.

Државата има обврска да обезбеди услови во кои граѓаните ќе можат да стекнат сопствен дом, наместо да бидат претворени во извор на приход за странските инвестициски фондови. Политиките на македонските власти создаваат држава во која профитот на фондовите е поважен од иднината на сопствените граѓани.

Можете да прочитате

СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа”

УЈП: Пилот-фазата на е-фактура успешно се спроведува, досега верификувани 396

ССМ утре со блокада пред Владата