
Многумина веруваат дека бројот 13 носи несреќа уште од библиските времиња. Корените на ова верување најчесто се поврзуваат со Јуда, кој го предал Исус Христос и се смета дека бил 13-тиот гостин на Тајната вечера. Оттогаш, во многу култури се задржало верувањето дека е лош знак ако на една маса седат точно тринаесет луѓе.
Колку овој број се смета за „баксузен“ покажува и практиката во современиот свет. Во многу хотели, авиони и аеродроми често се избегнува бројот 13 нема 13-ти кат, излез или ред на седишта, со цел да се избегне непријатност кај суеверните патници.
Стравот од петок 13-ти е толку распространет што има и научно име – параскевидекатриафобија. Станува збор за специфичен страв или чувство на непријатност поврзано исклучиво со овој датум. Постојат бројни теории за неговото потекло, кои се движат од религиозни толкувања до митови и легенди.
Еден од најпознатите митови потекнува од нордиската митологија. Според легендата, злобниот бог Локи се појавил како 13-ти, непоканет гостин на гозба во Валхала, домот на богот Один. Неговата измама довела до смртта на Балдер, богот на радоста, по што темнината ја зафатила земјата, а бројот 13 почнал да се смета за несреќен.
Во стариот Рим постоело верување дека вештерките се собирале во групи од дванаесет, додека тринаесеттото место било резервирано за ѓаволот, што дополнително го зацврстило негативниот симболизам на бројот.
Историчарите, пак, често го поврзуваат лошиот глас на петок 13-ти со настан од 1307 година, кога францускиот крал Филип IV, во договор со папата, наредил апсење на повеќе од сто витези темплари токму на петок 13-ти. Многумина од нив биле обвинети за ерес, изложени на тортура и принудени да признаат вина.
Иако бројот 13 се споменува повеќепати во религиозните текстови и често се поврзува со негативни настани, современата наука не пронашла докази дека овој датум носи повеќе несреќи од било кој друг ден. Сепак, суеверијата остануваат дел од колективната култура, па и денес има луѓе кои на петок 13-ти избегнуваат важни одлуки, патувања или дури и обични активности како потстрижување или сечење нокти.
Без разлика дали верувате во суеверие или не, петок 13-ти останува датум обвиткан со мистерија, митови и приказни кои со векови ја хранат човечката имагинација.

