Утрински Весник
Економија

Арнаудова-Стојановска: Расте штедењето во денари и на долг рок

Intervju milicza arnaudova stojanovska e1770632310547.jpg

„Заштедите на домаќинствата во домашниот банкарски систем се покажаа како стабилна и отпорна база дури и во услови на зголемена неизвесност и повеќекратни економски шокови во последните години”. Ова го истакна советничката на гувернерот на Народната банка,  Милица Арнаудова-Стојановска во интервју за емисијата „Бизнис објектив”, на ТВ „Телма”, при што посочи дека во изминатиот период се бележи засилен раст на денарските и на долгорочните депозити, што е поврзано со стабилизирањето на очекувањата на граѓаните, зголемените приноси од штедењето, особено на долг рок и во домашна валута, како и со мерките преземени од Народната банка за поддршка на процесот на денаризација и поттикнување на долгорочното штедење.

„Во декември 2025 година, вкупните депозити на домаќинствата достигнаа 445 милијарди денари, што претставува годишен пораст од 12%. Во однос на периодот од пандемијата наваму, заштедите на граѓаните се зголемени за над 50%, што ја потврдува довербата во банкарскиот систем и неговата отпорност”, нагласи Арнаудова-Стојановска.

„Во изминатите години, денарските и долгорочните депозити на домаќинствата растат со двоцифрени стапки, при што учеството на денарските депозити достигна 55%, а на долгорочните 33,5% од вкупните депозити на домаќинствата, наспроти 47,8% и 25,1%, соодветно, во декември 2022 година. Овие показатели потврдуваат дека банкарските депозити и понатаму се најзначајниот и најсигурен облик на штедење за домаќинствата, придонесувајќи за стабилноста на финансискиот систем и за поддршка на вкупната економска активност”, истакна Арнаудова-Стојановска.

Според последните расположливи податоци за 2024 година, банкарските депозити и натаму се главниот облик на штедење кај домаќинствата во земјава. Во структурата на финансискиот имот на домаќинствата, депозитите кај банките учествуваат со околу 60%, по што следуваат средствата во приватните пензиски фондови со околу 25%. Овие движења се во согласност со трендовите забележани во повеќе земји од регионот и од Европската Унија.

Арнаудова-Стојановска нагласи дека Народната банка и натаму ќе спроведува политики насочени кон одржување на финансиската стабилност и создавање поволни услови за поттикнување на штедењето кај граѓаните.

Можете да прочитате

Нафтата падна на помалку од 100 долари по барел по најавата за крај на војната на Блискиот Исток

ОАЕ ги зголеми цените на бензинот и дизел горивото

УЈП: Нема нови даночни обврски за студентите, ниту оданочување на веќе оданочени суми