
Албанскиот премиер Еди Рама за првпат јавно се осврна на одлуката на Уставниот суд поврзана со суспензијата на вицепремиерката и министерка за инфраструктура Белинда Балуку, оценувајќи ја како сериозен и невиден преседан во една демократска држава. Тој најави дека владата нема да се повлече и дека ќе продолжи со, како што рече, „битката за правдата и уставниот поредок“.
Во обраќањето во поткастот „Фласим“, Рама истакна дека одлуката на Уставниот суд ја доведува Албанија во апсурдна и опасна позиција, предупредувајќи дека со ваква пракса, по барање на обвинител, може да биде суспендиран дури и претседателот на државата. Според него, неодлучноста на судот претставува закана за демократската правна држава и европската иднина на земјата.
Премиерот оцени дека Уставниот суд не успеал да ја заштити извршната власт од, како што ги нарече, непримерни интервенции, дозволувајќи владата повторно да биде „заложник“ на судско-обвинителски одлуки донесени пред започнување на судска постапка. Тој посочи дека станува збор за суспензија на член на влада без утврдена вина и без обвинение за корупција.
Рама додаде дека оваа пракса е производ на „незрел правосуден систем“, нагласувајќи дека суштината на проблемот не е конкретниот случај, туку нарушувањето на основниот демократски принцип – јасната поделба и независност на извршната, законодавната и судската власт.
Откако Специјалниот суд за борба против корупцијата и организираниот криминал донесе одлука за суспензија на Балуку од функцијата, премиерот поднесе жалба до Уставниот суд, тврдејќи дека со тоа директно се прекршени неговите уставни надлежности, односно правото на премиерот да именува, разрешува или суспендира членови на владата.
Инаку, по барање на Специјалното обвинителство, на Балуку ѝ беа изречени две мерки – суспензија од вршење јавна функција и забрана за напуштање на државата. Обвинението против неа беше поднесено на 31 октомври минатата година и е поврзано со истрага за тендерски постапки за тунелот Логара и дел од проектот за Големата обиколница во Тирана.


