Утрински Весник
Спорт

ЗОИ 2026 вечерва свечено ќе бидат отворени, Атанасовска и Јада македонски знаменосци

20260206075414 big 730x400 91 1.webp.webp

Со церемонии што ќе се одржат на четири локации, во Милано, Кортина д’Ампецо, Предацо и Ливињо, вечерва во Италија официјално ќе бидат отворени 25. Зимски олимписки игри (ЗОИ) Милано – Кортина 2026.

На ЗОИ 2026 ќе настапат околу 2.900 спортисти од над 90 земји, а четиричлениот македонски олимписки тим го сочинуваат скијачите Јана Атанасовска и Виктор Петков, како и нордијците Ставре Јада и Ана Цветановска.

Главната церемонија на свеченото отворање ќе почне вечерва во 20 часот на величествениот стадион „Џузепе Меаца“ во Милано, а паралелни церемонии ќе се одржат и во Кортина, каде македонски знаменосец ќе биде Атанасовска, а на церемонијата во Предацо македонското знаме ќе го носи Јада.

Македонскиот олимписки тим во Италија е составен од најдобрите спортисти во своите дисциплини. Најмладата македонска натпреварувачка и рекордерка во алпско скијање, 19-годишната Јана Атанасовска ќе се натпреварува во слалом и велеслалом, а во овие две дисциплини во машката конкуренција ќе настапи и 26-годишниот Петков.

Најискусниот во македонскиот состав, 27-годишниот Јада, кому ЗОИ2026 ќе му бидат трет олимписки настап, ќе се натпреварува во нордиските трки спринт и 10 км интервал старт, во кои во женска конкуренција ќе се појави и Ана Цветановска (25), на нејзината втора Зимска Олимпијада по Игрите во Пекинг 2022.

Распоредот за настап на македонските нордијци е на 10, 12 и 13 февруари, додека алпските дисциплини ќе се одржат на 14, 15 и 18 февруари.

Натпреварите во хокеј, уметничко лизгање и трките во лизгање ќе се одржуваат во Милано, додека Кортина д‘ Ампецо ќе биде домаќин на натпреварувањата во алпско скијање во женска конкуренција, санкање, боб, скелетон и карлинг.

Трките во биатлон ќе се одржат во Антхолц, а натпреварите во скијачки скокови, нордиска комбинација и крос – кантри скијање во Вал ди Фиеме.

Во Ливињо на олимписката програма ќе бидат натпреварувањата во сноубординг и скијање слободен стил, додека Бормио ќе биде домаќин на трките во алпско скијање во машка конкуренција, како и новата олимписката дисциплина – скијачко планинарење.

Зимските олимписки игри 2026 ќе завршат на 22 февруари со свечена церемонија во античката арена во Верона. 

Можете да прочитате

Кошаркарите на ТФТ со „стотка“ го обезбедија четвртфиналето во АБА 2 лигата

Македонија домаќин на Европското првенство У16 – „Б“ дивизија

Македонското фудбалско првенство продолжува на 10. февруари