Утрински Весник
Македонија

ССМ тргнува во блокади прво Собранието, потоа газдите и Владата

Whatsapp image 2025 05 01 at 13.54.15 511fd397.jpg

По истекот на рокот што работниците го дадоа за итни измени на Законот за минимална плата, Сојузот на синдикатите на Македонија преминува во втора фаза на притисок за зголемување на платите. Претседателот на Сојуз на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, на денешната прес-конференција оцени дека игнорантскиот однос на пратениците кон работниците е главната причина за радикализација на синдикалните активности.

Трендафилов информираше дека вчера истекол рокот во кој се бараше минималната плата да се зголеми на 600 евра, а сите останати плати за најмалку 6.000 денари. Бидејќи, како што рече, од страна на институциите немало никаква реакција, Претседателството на ССМ донело одлука за преземање конкретни чекори.

Првата блокада е најавена за 10 февруари, кога е закажана седница на Собрание на Република Северна Македонија. Според најавите, синдикатите ќе ги блокираат пратениците, кои, како што истакна Трендафилов, ќе мора да поминат покрај работниците и да им објаснат зошто нивните плати се зголемуваат, додека предлогот на ССМ за работничките плати „се чува во фиока“. Тој додаде дека пратениците нема да можат да наплатат ниту патни трошоци.

„Работниците ги бираат пратениците за да ги застапуваат нивните интереси, а не за да уживаат во бенефиции и удобни фотелји додека народот едвај преживува“, рече Трендафилов, најавувајќи дека ССМ е во постојано заседавање и подготвено за понатамошна ескалација.

На 12 февруари е најавена блокада на работодавачите, односно на Стопанската комора, Сојузот на стопанските комори и Организацијата на работодавачи. „Работниците ќе ги блокираат газдите, онака како што газдите ги блокираа работниците со децении – со мизерни плати и закани. Денес работниците имаат избор, а газдите повеќе немаат“, изјави Трендафилов.

Блокада на Владата е планирана за 17 февруари. Според најавите, ќе бидат блокирани пристапите до владините објекти, при што функционерите, почнувајќи од премиерот па до министрите, ќе мора пешки да поминат покрај работниците. „Ќе мора да ги погледнат во очи оние кои живеат од минимални плати“, порача претседателот на ССМ.

За утре, во 11 часот, ССМ најави и доставување иницијатива до Собранието за измени на Законот за плати и други надоместоци на пратениците и другите избрани и именувани лица. Синдикатот предлага основицата за пресметка на платите да биде минималната плата, наместо просечната, како и намалување на коефициентите за сложеност, што би значело намалување на пратеничките плати за околу 40 проценти. „Тие си ги зголемија платите за 80 проценти, време е да ги намалат за да не придонесуваат за инфлацијата“, рече Трендафилов со ироничен тон.

На крајот, тој најави дека се разгледува и организирање на уште еден масовен работнички протест, а доколку барањата не бидат прифатени, следната фаза ќе биде генерален штрајк.

Можете да прочитате

Потпишан Меморандум за разбирање со Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата

Албанската полиција уапси Македонец по обид за бегство на граница

Блокиран патот Ресен–Битола поради протест – 24info.mk