
Во објава на социјалните мрежи, поранешниот министер за финансии Кирил Миноски ја отвори дебатата за потребата од подигнување на прагот за регистрација за ДДВ, оценувајќи дека тоа е клучна мерка за поддршка на микро и малите претпријатија – столбот на домашната економија.
Миноски потсетува дека во Македонија микро компаниите учествуваат со околу 90,4 %, а малите со 7,4 % од вкупниот број фирми, што значи дека над 97 % од сите претпријатија припаѓаат на оваа категорија. Токму тие, според него, се основниот двигател на економскиот раст, но се и најизложени на административни и финансиски притисоци.
Во моментов, обврската за регистрација за ДДВ во земјава започнува при годишен промет над 2.000.000 денари, односно околу 32.000 евра. За споредба, Миноски наведува дека прагот во Србија изнесува околу 65.000 евра, во Хрватска и Словенија по 60.000 евра, а во Албанија околу 80.000 евра. Овие бројки, како што истакнува, покажуваат дека во поголем дел од регионот и ЕУ прагот е значително повисок, што им дава повеќе простор на малите бизниси за раст без дополнителни обврски.
Подигнувањето на прагот за ДДВ, според Миноски, би значело намален притисок за користење краткорочни кредити, поголема ликвидност и можност компаниите да акумулираат капитал пред влез во сложениот ДДВ-систем, каде данокот се плаќа и за ненаплатени фактури. Ослободените средства, додава тој, би можеле да се насочат кон инвестиции, иновации и повисоки плати, што директно ќе ја зајакне економијата и вработеноста.
На прашањето дали државата би изгубила приходи, Миноски смета дека ефектот би бил спротивен. Преку раст на платите, инвестициите и потрошувачката, државата индиректно би наплатила повеќе преку социјални придонеси, персонален данок и зголемен промет. Дополнително, повисокиот праг би го намалил даночното затајување, вештачкото делење фирми и прикривањето на промет, а со воведувањето на е-фактурите, како што наведува, полесно би се откривале неправилностите.
„Проблемот е што економските политики често ги креираат луѓе кои не ги разбираат реалните предизвици на малиот бизнис“, порачува Миноски, нагласувајќи дека претприемништвото мора да биде во фокусот ако целта е подинамичен приватен сектор, посилна економија и повисок животен стандард.


