Утрински Весник
Македонија

Обвинителството отвори предмет за 5 тони марихуана: Истрагата ја следи трасата низ Македонија

Ojo 1.webp.webp

По рекордната заплена на околу пет тони марихуана во Србија, Јавно обвинителство на Република Северна Македонија официјално отвори предмет и започна засилена соработка со надлежните институции во Белград, со цел целосно расчистување на случајот.

Од Обвинителството информираат дека веднаш по добиените информации е воспоставена постојана комуникација со српските органи, при што се разменуваат оперативни податоци и докази поврзани со транспортот на наркотичната дрога, која, според досегашните сознанија, минувала низ македонска територија пред да биде запрена во соседството.

„Започната е интензивна координација и размена на информации со српските власти. Фокусот е насочен кон идентификување на сите лица и организирани структури кои имале улога во овој сериозен криминален случај“, соопштуваат од Обвинителството.

Истражните активности се насочени кон утврдување на трасата на движење на дрогата, начинот на кој таа ја поминала државната граница, како и евентуалната логистичка поддршка што ја имала на територијата на Северна Македонија. Надлежните институции, како што нагласуваат од Јавното обвинителство, ќе инсистираат на целосно утврдување на кривично-правната одговорност и процесуирање на сите инволвирани лица, без исклучок.

Случајот се оценува како еден од најсериозните во последните години и се очекува истрагата да се прошири и на други можни поврзани канали и мрежи за меѓународна трговија со дрога.

Можете да прочитате

Намалена видливост до 50 метри на Плетвар поради магла

Миноски: ДДВ-прагот во Македонија е двојно понизок од регионот – време е за корекција

СДСМ: „Буџетот не е во најдобра состојба“- владата на Мицкоски го потврди она што го говори СДСМ