Утрински Весник
Македонија

Миноски: Кога лојалноста е поважна од знаењето, институциите пропаѓаат

Kiril minoski 1170x780 1.jpg

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски во објава на социјалните мрежи се осврна на макијавелизмот како политичко-филозофска доктрина и нејзината примена во современите политички системи, оценувајќи дека владеењето засновано на манипулација и страв не може да создаде одржлива држава.

Миноски потсетува дека макијавелизмот, развиен од италијанскиот филозоф и државник Николо Макијавели, своите темели ги има во делото „Владетелот“, напишано во период кога Италија била распарчена на спротивставени градови-држави. Доктрината, како што наведува, го промовира ставот дека целта ги оправдува средствата и дека политиката и моралот се одделени категории – став поради кој делото подоцна било забрането од Католичката црква.

Според Миноски, Макијавели сметал дека владетелот треба да биде подготвен да користи страв, манипулација и сила за да ја задржи власта, како и дека лојалноста е поважна од способноста. Особено ја нагласува мислата дека интелигенцијата на еден владетел најдобро се мери преку луѓето со кои е опкружен, бидејќи тие се одраз на неговиот карактер и вредности.

„Голем дел од овие принципи се препознатливи и денес, кога одредени политичари преку концентрација на моќ, корумпирани институции, негативна селекција, замолчување на критиката и ширење страв се обидуваат да владеат по макијавелистички принципи“, наведува Миноски.

Тој потенцира дека ваквиот модел на владеење е спротивен на идеите на античките филозофи, кои државното управување го темелеле на морал, етика и мудрост. Според него, историјата покажала дека макијавелизмот може да создаде само привидна и краткотрајна стабилност, додека на долг рок води кон институционален распад, апатија и поданички менталитет во општеството.

Како аргумент, Миноски потсетува дека државата во која Макијавели службувал, како и поголемиот дел од тогашните италијански државички, со текот на времето исчезнале.

„Клучната заблуда на макијавелизмот е верувањето дека општеството може трајно да се контролира без вредности. Управувањето со државата како со плен не создава функционален и одржлив систем“, истакнува поранешниот министер.

Во контраст на ваквиот пристап, Миноски го наведува примерот на американскиот претседател Абрахам Линколн, кој, како што вели, се залагал за морал и принципи во политиката, потсетувајќи на неговата позната мисла дека лагата може да даде резултати само привремено, но никогаш не може да биде темел на траен и стабилен систем.

Можете да прочитате

СДСМ: Не допира гласот до Обивнителство за криминалните тендери на власта

Костадиновска-Стојчевска: Извештајот за пост-мониторингот е слика на нашите 25-годишни реформи

ДПМНЕ со 2,2 милиони денари ја почестиле фирмата на синот на антикорупционерката Ристовска