Утрински Весник
Спорт

Страшна сообраќајна несреќа во Романија: Загинаа седум навивачи на ПАОК

Img 7386.jpeg

Најмалку седум навивачи на солунски ПАОК го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа што се случи во Романија, во близина на Темишвар, околу 80 километри од границата со Србија, јавуваат романските медиуми. Во несреќата уште три лица се повредени и им е укажана медицинска помош.

По трагичниот настан се огласија и „црно-белите“ од Солун со емотивна порака на социјалните мрежи, во која изразија длабока тага и сочувство до семејствата на загинатите навивачи.

„Времето застанува. Замрзнува. Зборовите пресушуваат. Болката пробива низ тело и ум. Солзите течат од очите. Тага ве обзема, ве фрла на колена, ве разурнува. Уште еден мрачен ден. Уште една неизмерлива трагедија за семејството ПАОК“, пишуваат од клубот.

Од ПАОК упатија и порака за загинатите навивачи, истакнувајќи дека нивната љубов кон клубот ги одвела на тоа патување и дека нивните души „секогаш ќе почиваат под крилјата на Двоглавиот Орел“. Клубот изрази најискрено сочувство до семејствата, нагласувајќи дека нема да бидат сами во нивната болка, како и поддршка до повредените навивачи.

„Нашите мисли се со повредените, кои ја водат својата битка. Ќе направиме сè што можеме за да им обезбедиме најдобра можна медицинска нега и брзо враќање дома. Само една желба… Никогаш повеќе…“, порачуваат од ПАОК.

Според досегашните информации, навивачите на солунскиот клуб биле на пат кон Франција, каде ПАОК во четврток требаше да одигра натпревар од осмото коло во Лигата на Европа против Олимпик Лион. Несреќата се случила кога мини-бусот со кој патувале, од засега неутврдени причини, преминал во спротивната сообраќајна лента и директно се судрил со камион.

Сообраќајната несреќа се случила на магистралниот пат Е70, кој минува и низ Србија. Романските медиуми објавија и видео-снимка на која се гледа моментот кога возилото со навивачи излегува од својата лента и се судира со товарното возило. Истрагата за причините за несреќата е во тек.

ЛИНК до видео

Можете да прочитате

Шок од Британија: Објавени нови детали за здравјето на Михаел Шумахер

Новак Ѓоковиќ стана првиот тенисер со 400 победи на грен слем турнирите

Ѓоковиќ без борба четвртфиналист на Австралија опен