Утрински Весник
Свет

Сопствениците на барот во Швајцарија ја обвинија мртвата келнерка за пожарот

Pozar.webp.webp

Сопствениците на барот каде во пожар животот го загубија 40 лица во Швајцарија, ја обвинија 24-годишната келнерка за пожарот, која воедно и таа го изгуби животот во трагедијата.

Сопственикот Жак Морети тврди дека келнерката на своја иницијатива изведувала „перформанс“ со шишиња шампањ и прскалки, што го запалило таванот од лесно запалива пена.

„Сијан обожаваше да биде дел од шоуто, не видовме опасност“, изјавил Морети пред обвинителите, иако признал дека никогаш не ѝ дал безбедносни упатства.

Семејството на починатата девојка и преживеаните сведоци ги негираат овие тврдења, посочувајќи дека токму сопственичката Џесика ја принудила Сијан да го носи шампањот со кацига на главата.

Еден од најкритичните моменти во истрагата е зошто излезот за итни случаи во подрумот бил заклучен. Токму зад таа врата беше пронајдено безживотното тело на Сијан. Сопствениците обвинија друг вработен дека наводно го затворил резето додека носел мраз, додека вработениот жестоко ги отфрла овие наводи.

Особено вознемирувачко е видеото кое се појави во јавноста, на кое наводно се гледа како сопственичката Џесика Морети бега од клубот носејќи ја касата со пари, целосно игнорирајќи ги жртвите кои се бореле за живот. На прашањето за малолетниците во клубот (меѓу кои и починато 14-годишно дете), таа кратко одговорила: „Можеби имале лажни лични карти“.

Можете да прочитате

Мери Трамп алармира за можни знаци на Алцхајмер кај Доналд Трамп

Рејтингот на Трамп паѓа по смртта на мигранти во Минесота

Руски дрон нападна патнички воз во Харков