
Премиерот Христијан Мицкоски информира дека денешниот ден на Светскиот економски форум во Давос поминал во знакот на успешни билатерални средби и интензивни разговори со претставници на мултинационални компании и лидери од областа на вештачката интелигенција и енергетиката. Како што соопшти Мицкоски, денот започнал со билатерална средба со претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, по што следеле бројни средби со компании кои имаат значајна улога во глобалниот бизнис.
Во рамки на самитот, премиерот учествувал и на панел-дискусија посветена на клучните теми на овогодишниот форум вештачката интелигенција, дата центрите и зголемените потреби од електрична енергија. На панелот се разговарало за предизвиците со кои се соочува светот во наредниот период, особено во делот на зголемување на производството на електрична енергија. Мицкоски истакна дека пред учесниците ги презентирал и приоритетните проекти на Владата, поврзани со производство на електрична енергија, јакнење на преносните капацитети и интерконекторите за струја и гас.
„За првпат ги презентиравме и клучните проекти кои ќе ги објавиме во периодот што следи – ‘Чебрен’, ‘Галиште’ и ‘Бошков Мост’“, посочи премиерот, нагласувајќи дека тие предизвикале значителен интерес кај инвеститорите. По завршувањето на панелот, како што информира Мицкоски, голем број инвеститори оствариле директен контакт со него, при што биле разменети контакти и упатени покани за посета на Македонија и детална презентација на инвестициските потенцијали.
„Убеден сум дека истите привлекоа големо внимание кај голем број на инвеститори коишто по завршувањето на панелот ми пристапија и разменивме контакти, ги поканив да дојдат во Македонија, да ги презентираме потенцијалите со коишто располагаме и инвестициските можности и убеден сум дека овие проекти ќе бидат успешни, ќе додадат вредност во економијата на Македонија и ќе додадат вредност во квалитетот на живот на македонските граѓани.“, порача премиерот.
Престојот на македонската делегација во Давос продолжува и денеска со уште еден панел и презентација на инвестициските можности на државата, а Мицкоски најави дека утре се враќа во Скопје.


