Утрински Весник
Македонија

Застаре уште едно кривично дело против поранешниот премиер Груевски

Gruevski.jpeg

Судската постапка против поранешниот премиер Никола Груевски во предметот „Талир“ доби нов пресврт, откако дел од кривичните дела застареа. Од денеска, Груевски повеќе не се гони за злоупотреба на службената положба поврзана со незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, но обвинението за перење пари останува, потврди јавната обвинителка Ленче Ристоска.

До судот е доставено изменето обвинение, поради застареност на предикатното кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување, согласно законските рокови и измените на Кривичниот законик од 2023 година. Сепак, според законската регулатива и судската пракса, не постојат пречки за продолжување на постапката за перење пари против Груевски и неговиот соучесник Кирил Божиновски.

Паралелно со ова, обвинителката Ристоска информираше дека поднела тужба против ВМРО-ДПМНЕ и премиерот, поради партиски соопштенија и јавни изјави кои, според неа, претставуваат притисок врз обвинителството.

„Ги користам сите институционални механизми што ми стојат на располагање за заштита на независноста на обвинителството“, изјави Ристоска.

Од владејачката партија возвратија дека обвинителката се дискредитира сама себе и дека тужбите се обид за политичка манипулација. Ја опишаа како „рецидив на системот кој вршел прогон и создавал политички жртви“.

Ристоска е главен обвинител во предметите за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, кои резултираа со замрзнување на партиски имот. Судскиот и институционалниот судир меѓу неа и актуелната власт трае подолг период, вклучувајќи го и поништувањето на листата на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, каде што беше предложена.

Можете да прочитате

FAME’S со февруарска концертна серија што ги спојува класиката и џезот

ССМ најави масовен протест на 28 јануари

Прекини на електрична енергија утре во дел од Тетово