Утрински Весник
Македонија

Расте бројот на пациенти со симптоми на грип во Велес

Grip.webp.webp

Во текот на изминатиот викенд, во Службата за итна медицинска помош при ЈЗУ Здравствен дом – Велес е регистриран зголемен број пациенти од сите возрасти со симптоми на грип, информира портпаролката д-р Славица Нешова Пановски. Пациентите најчесто се јавуваат со висока температура која трае со денови, кашлица, болки во мускулите и коските и општа слабост.

Бројот на заболени значително се зголемува за време на викендите, кога матичните лекари не работат, па граѓаните помош бараат во Итната служба. Дел од пациентите, особено постари и изнемоштени лица, бараат и домашни посети. Од Итната помош апелираат граѓаните да избегнуваат места со масовно собирање, болните да мируваат и да не одат на работа, а децата да не се носат во градинки.

Се препорачува и зголемен внес на течности и витамини. Д-р Нешова Пановски посочува дека службата работи со намален број вработени, а поради зголемениот број пациенти, медицинските тимови тешко одговараат на сите повици. Состојбата со грип во Велес трае веќе четврта недела. Според податоците од Центарот за јавно здравје, во првата недела од годинава биле регистрирани 109 заболени, а новиот извештај се очекува во текот на неделава.

Можете да прочитате

МНР: 632 македонски државјани побарале евакуација од Блискиот Исток

СДСМ: Оставка од Тошковски за трагедијата во Карпош

„Нема да нè снема“ – Осмомартовски протест во Скопје