Утрински Весник
Свет

Масовни протести низ САД откако агент на ICE уби жена

91ae71ed 646a 4d3e 9b09 a95d199bc026.jpg

Десетици илјади луѓе учествуваа на бројни собири вчера во знак на протест против методите на Службата за имиграција и царина (ICE), откако еден од нејзините агенти уби 37-годишна жена во Минеаполис.

Илјадници луѓе се собраа во Минеаполис, пркосејќи му на студот од -7 степени Целзиусови, и го скандираа името на жртвата и држеа транспаренти непријателски настроени кон федералната полиција во парк покриен со снег во близина на местото на пукањето.

Дру Ленцмаер, 30, изјави за АФП дека се чувствува како да „се лизга во авторитарна диктатура“.

„Никој не ја спречува администрацијата на Трамп да убива граѓани, да краде и да киднапира луѓе. Време е да се запре тоа“, рече тој.

На Источниот брег, во Бостон, на повеќе од 2.000 километри оддалеченост, Бил Торкасо исто така им се придружи на другите демонстранти.

„Единствениот принцип што нè обединува е еднаквоста пред законот. Тоа е она во што верувам најдлабоко и тоа е она што мислам дека Трамп постојано го прекршува. Тоа е неприфатливо“, рече тој.

Смртта на оваа американска мајка, убиена во среда во нејзиниот автомобил, предизвика силни емоции во нејзиниот град, демократско упориште, но и меѓу Американците загрижени за методите за борба против нелегалната имиграција, која Трамп ја претвори во национален приоритет.

Вчера наутро, три демократски конгресменки од Минесота ја посетија федералната зграда во предградието на Минеаполис, каде што се наоѓа канцеларијата за имиграција. Меѓу нив беше и Илхан Омар, истакната личност на американската левица од сомалиско потекло.

Но, штом влегле, биле замолени да си заминат, рекле тие.

„Она што се случи денес е јасен обид да се спречат членовите на Конгресот да ја извршуваат својата надзорна улога“, се пожали Илхан Омар.

Можете да прочитате

Данска потврди дека Марко Рубио ќе се сретне со данскиот шеф на дипломатија за Гренланд

Германија бара меѓународно сојузништво за литиум и кобалт за да ја намали зависноста од Кина

Бројот на жртви во Иран надмина 500, соопшти новинска агенција со седиште во САД