Утрински Весник
Свет

Делси Родригез именувана за вршител на должноста претседател на Венецуела по апсењето на Мадуро

Delcy rodriguez.webp.webp

Уставниот совет при Врховниот суд на Венецуела донесе одлука потпретседателката Делси Родригез привремено да ја преземе функцијата шеф на државата, поради отсуството на претседателот Николас Мадуро, кој беше приведен вчера наутро во операција спроведена од американските сили. Во соопштението од судот се наведува дека оваа одлука има за цел да се обезбеди непречено функционирање на државните институции и целосна заштита на националните интереси на Боливарската Република Венецуела.

Надлежните судски тела најавија и дополнителна расправа, на која ќе се утврдува правната рамка за управување со државата, функционирањето на владата и зачувувањето на суверенитетот во услови на принудно отсуство на претседателот. Во меѓувреме, Делси Родригез истакна дека Николас Мадуро останува единствениот легитимен претседател на Венецуела. Таа реагираше по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој соопшти дека Родригез положила заклетва откако Мадуро бил одведен од земјата во американска воена операција. Родригез се обрати до јавноста преку државната телевизија од Каракас, заедно со претседателот на Националното собрание Хорхе Родригез, министерот за внатрешни работи Диосдад Кабело, како и министрите за надворешни работи и одбрана.

Таа повика на смиреност, единство и заедничка одбрана на државата по, како што ја нарече, „отмичката“ на Мадуро, нагласувајќи дека Венецуела нема да дозволи да биде подредена на која било странска сила. Од друга страна, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави ќе ја „водат Венецуела“ сè додека не се обезбеди, како што рече, безбедно пренесување на власта, додавајќи дека американските воени сили ќе останат распоредени додека не бидат исполнети сите негови услови.

Можете да прочитате

Рубио по инцидентот со иранската ракета: Целосна поддршка за Турција

Целосен мрак во Ирак – 24info.mk

Куба остана без струја – 24info.mk