
Физичката активност може да помогне во прочистување на организмот по празниците. Пешачењето е најдобар начин за обичните граѓани, изјави за МИА, специјалист Иса Муча од ЈЗУ Универзитетска клиника за токсикологија во Скопје.
За прочистување на организмот по празниците кога вообичаено се консумира повеќе храна и алкохол, Муча препорачува полесна храна, потечна, без маснотии, варен зеленчук, без теста, без многу шеќери, со чаеви и течности, свежо овошје, суплементи како витамини – од група Б и Ц.
За да не се доведеме до ситуација да го преоптовариме организмот со алкохол и храна, докторот препорачува умереност во нивното внесување.
– Со умереност во внес на храна, особено на алкохолни пијалаци – никако да не се пие на празен желудник, советува докторот
Непријатно чувство на преполнетост, тежина во желудник, мачнина, гадење, појава на киселини, болки во горен дел од стомак, се само дел од последиците по преоптоварување на организмот со храна и алкохол.
Тој информираше дека праксата покажала дека за празниците, еден организам најмногу се преоптоварува со традиционалната „новогодишна мајонез салата“, печењето на масни меса, теста од тип на кифлички, пити, газирани пијалаци, а и алкохолни пијалаци – особено црвеното вино причинувало проблеми со желудникот.
– Традиционално имаме зголемен обем на работа и случаи како седум дена пред, така и на самата новогодишна ноќ, па сè до божиќните празници. Загрижува фактот што голем дел од алкохолизирани пациенти се малолетници на 15, 16, 17 години како и на само 14. Тоа е факт што треба да нè загрижува, дециден беше докторот.
Оваа новогодишна ноќ на Токсикологија биле згрижени вкупно 31 пациент.
– Најмладото лице беше на 14-годишна возраст, а највозрасното имаше 44 години. Примивме 13 малолетници. Доминираше женска популација. Повеќето случаи беа само труење со алкохол, а имаше и труење – мешано храна со алкохол, додаде Муча во изјавата за МИА.



