
Трагедијата во швајцарскиот зимски центар Кран-Монтана, каде во пожар загинаа најмалку 40 лица, предизвика силен бран на емпатија и солидарност во Македонија. Најемотивната и најпотресна порака пристигна од Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“, кое ги обединува семејствата на настраданите во пожарот во објектот „Пулс“ во Кочани.
Членовите на здружението, кои и самите ја преживеале трагедијата на ненадејно губење на најблиските во огнена стихија, упатија писмо со сочувство до Швајцарската амбасада. Како што наведуваат, веста за пожарот во Кран-Монтана ги вратила во денот кога нивните животи засекогаш се поделиле на „пред“ и „по“.
„Знаеме што значи ненадејно да ти се урне светот. Знаеме како боли кога ќе остане празно столче и кога тишината зборува погласно од зборовите. Од срце сме со вас — не како набљудувачи, туку како луѓе кои ја носат истата рана“, стои во нивното емотивно обраќање.
Во моменти кога швајцарските власти се соочуваат со тешкиот процес на идентификација на жртвите, семејствата од Кочани потсетуваат дека солидарноста е единствената вистинска утеха во вакви трагични ситуации. Тие упатуваат мисли и молитви до семејствата на загинатите и до повредените, нагласувајќи дека стојат на располагање за секој облик на поддршка.
„Нашите мисли и молитви се со семејствата на загинатите и со повредените. Стоиме на располагање за сè што можеме да помогнеме — со разбирање, со тивка поддршка и со срце што знае“, порачуваат од здружението.
Пожарот во Кран-Монтана се случи за време на новогодишната прослава во преполн бар, каде, според сведоштвата, дел од жртвите останале заробени поради блокирани излези. Швајцарија прогласи петдневна жалост, додека Македонија преку Координативниот центар на Европската Унија понуди медицинска помош за повредените, потврдувајќи ја силната солидарност меѓу двете држави.



