Утрински Весник
Македонија

На осумчлено семејство во пожар му изгореа куќата и еден тон тутун

20251228114331 big 730x400 8.webp.webp
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

На осумчлено семејство од селото Воѓани, општина Кривогаштани, во пожар им изгоре целата куќа и речиси сиот род на тутунот од околу еден тон. Семејството Благадушески во Новата година ќе влезe без покрив над главата и без целиот макотрпен труд со тутунот.

Поради неисправна инсталација на 16 декември за еден час семејството во пламенот загуби сѐ. Среќа велат, што не биле во куќата. Живеат од ден за ден кај роднините. 

– Ние седевме во помошната просторија што е до куќата. Околу 18:20 часот викна соседот дека кај нас нешто гори. Кога излеговме и видовме дека  гори куќата, сопругот ги исклучи осигурувачите. Повикав пожарна. Им се јавив на синовите кои во моментот не беа дома. А многу, многу гореше, се сеќава Јулијана Благадушеска.

Во куќата која била стара 60-тина години, ама цврста градба, сепак со стара инсталација, заедно живее осумчленото семејство, свекорот на Јулијана, таа, сопругот, деверот, двата синови, четиригодишниот внук и снаата која треба во февруари да се породи.

– Среќа што не појдовме на спиење, инаку, можеше сите да изгориме. На таванот беше и тутунот. Околу еден тон. И тој изгоре. Претходно имавме симнато мал дел да го калапиме. Во куќата изгоре целата покуќнина, раскажува Благадушеска.

Сега просторот каде беше куќата е празен, расчистен од гарежот запаленото и изгореното.

– Приоритет е да направиме две-три простории за да се прибериме. Сега семејството спие на други места, кај роднини, пријатели. За празниците, некако ќе поминеме. Луѓето помагаат, вели Благадушеска.

И Дејан Благадушески, девер на Јулијана, нагласува дека има хуманост и добрина и дека најважно е сите да се на број.

– Бев на работа кога ми се јавија за пожарот. Најбитно ми беше да се сите на број. Изгоре куќата, со таа тешка ситуација ќе се носиме сите заедно. Еве, луѓето помагаат,  и не само од селото, туку и од соседните места. Многу сме им благодарни. Има хуманост, има човечност, вели Благадушески.

Општина Кривогаштани отворила жиро сметка, ги повикале сите да даруваат за семејството да застане на нозе оваа зима.

Помошта веќе стигна од Сојузот на земјоделските здруженија. Изгорениот тутун е во вредност од околу 10 000 евра.

– Дојдовме да го посетиме семејството Благадушески, да им дадеме поддршка, и морална, и парична. Како Сојуз издвојуваме пари, од околу 120 000 до 180 000 денари. Ги повикувам сите тутунари, а и откупувачите да помогнат семејството да застане на нозе по оваа трагична ситуација. Изгорени се околу еден тон тутун што е во вредност од околу 10 000 евра. А куќата што изгоре е уште поголема штета. Голема е штетата, вели Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделски здруженија.

Семејството Благадушески од кривогаштанско Воѓани тагува по уништениот дом. Радоста ќе ја чека кога ќе се роди деветтиот член на семејството, во февруари. Секоја помош ќе биде добредојдена. 

Можете да прочитате

Претрес во битолско, пронајдени оружје и муниција, лишено од слобода едно лице

Жител на Албанија приведен откога оставил пари на биро на Ќафасан, поткуп на граница

Удрил во три паркирани возила, контејнери, возила во движење и семафор, косовски државјанин предизвика хаос во Центар