
Европската Унија ќе мора да ја искористи 2026 година за брзо да продолжи со амбициозните планови за проширување со земјите од Западниот Балкан и Источна Европа или ќе се соочи со цајтнот за остварување на оваа цел пред крајот на актуелниот мандат на нејзините институции во 2029 година, оценува бриселскиот портал „Политико“.
Во текстот посветен на перспективите на процесот на проширување на ЕУ во 2026 година, порталот потсетува дека сè почесто се споменува идејата за т.н. „двостепен систем“, односно воведување на одредени ограничувања на овластувањата на новопримените земји членки во случај на демократско уназадување.
– Во обид да го направи проширувањето поодржливо, Европската комисија работи на предлог, според кој, новите членки привремено ќе се откажат од своите права на вето. Предлогот е со цел да се смират владите кои се скептични кон проширувањето и да се избегне повторување на блокадата на клучни закони, наведува порталот.
„Политико“ нагласува дека ваквиот предлог предизвикува дилеми дали ЕУ треба поинаку да се однесува кон новите членки, но потенцира и дека премиерот на една од земјите кандидати за членство, Албанија, Еди Рама смета дека станува збор за „добра идеја“.
Рама вели дека во замена за членство, Албанија дури би се откажала и од правото на еврокомесар или на европратеници за одреден временски период, додавајќи дека би сакал и другите кандидати да го прифатат предлогот.
– Албанија нема желба да го ниша бродот со одлуки базирани на консензус, како за замрзнати руски средства или рускиот гас, вели Рама за порталот.
Албанскиот премиер додава дека неговата мантра во односот кон лидерите на ЕУ е: „зборувајте како што мислат, правете како што велат“.
– На крајот на краиштата, тие се возрасните во семејството кои ги носат важните одлуки, вели Рама, додавајќи дека тоа е и добро, бидејќи ако се „утне“ нешто, тогаш товарот на вината не го носат помалите членки.
Од друга страна, еврокомесарката за проширување Марта Кос оценува дека 2025 година била „многу успешна“ кога станува збор за проширувањето и очекува 2026 да биде „подобра година“, потенцирајќи дека ќе биде потребна акција во следните 12 месеци за да се обезбеди прием на нови земји според планираното.
– Зошто мислам така? Прво, тоа е геополитика. Второ, тоа е вистинскиот ангажман на некои од земјите кандидати, изјави Кос.
Според неа, проширувањето не е само привлекување нови членки, туку тоа дури ѝ помага на ЕУ да се справи со предизвиците.
– Дали е тоа добро за нашата безбедност? Дали ги пополнуваме празнините што ги оставивме во минатото? Да. Дали ни треба Украина во ЕУ? Да, вели Кос.
Таа проценува дека до крајот на 2026 година ЕУ „сè уште нема да биде поголема“, но ќе биде поблиску до тоа.
– Веројатно ќе ги завршиме преговори со Црна Гора, додава Кос.
Со неа се согласува и црногорскиот премиер Јаков Милатовиќ, кој за „Политико“ вели дека во 2026 година мора да се постигне напредок во пристапувањето на Црна Гора кон ЕУ, доколку се сака нејзиното зачленување во Унијата да случи за време на тековниот мандат на европските институции.
– Верувам и сум оптимист дека за време на кипарското претседателство, под покровителство на Советот, ќе биде создадена работна група за изготвување на договорот за пристапување на Црна Гора, вели Милатовиќ.
Такво нешто, според него, ќе претставува „голем чекор“ напред и ако се случи ќе значи дека „Црна Гора сигурно ќе стане 28-ма земја членка на ЕУ во 2028 година.
Инаку, Кипар ќе претседава со Советот на ЕУ од јануари до јуни 2026 година.
Украинскиот амбасадор при ЕУ, Всеволод Ченцов, исто така, смета дека пристапувањето на неговата земја кон ЕУ „е на повидок“.
– Претстојната 2026 година ќе биде клучна за патот на Украина кон ЕУ, бидејќи се очекува да го означи преминот од подготовка кон забрзана имплементација. Надоградувајќи се на значајниот напредок постигнат и покрај војната во целосен обем, Украина има за цел да го унапреди отворањето на преговарачките кластери и да овозможи спроведување на реформите според јасен и предвидлив распоред, изјави Ченцов за порталот.
И Молдавија очекува „голем напредок“ на европскиот пат во текот на следната година.
– Со оглед на тоа што скринингот е зад нас и изборите се завршени, 2026 година означува нова фаза за спроведување на реформите, изјави молдавската министерка за европски прашања Кристина Герасимов.
Според неа, Молдавија е подготвена решително да продолжи напред, со јасна цел да ги стигне земјите лидери во пристапниот процес и тесно соработувајќи со Европската Унија „да го претвори сегашниот моментум во резултати“.



