
На денешната седница на Советот на Град Скопје, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски се обрати со јасна и директна порака за состојбата во која е затекнат градот, но и за резултатите што, како што рече, се постигнати за исклучително краток временски период. При разгледувањето на Буџетот на Град Скопје за 2026 година, Ѓорѓиевски нагласи дека по наследеното катастрофално финансиско и институционално наследство, градот денес чекори кон стабилизација, одговорно управување и реализација на проекти од суштинско значење за граѓаните.
Тој истакна дека на сметката на Град Скопје биле наследени само 40 милиони денари, додека денес таа состојба изнесува околу 400 милиони денари. Според него, кварталните извештаи од претходните раководства претставуваат едни од најлошите во историјата на градот, со исклучително ниска реализација на приходи.
„За девет месеци се реализирани приходи од околу 2,8 милијарди денари, што значи просек од само 317 милиони денари месечно. За споредба, за само 40 дена реализиравме приходи од над 659 милиони денари, речиси двојно повеќе од било кој месечен резултат во минатото“, рече Ѓорѓиевски.
Градоначалникот посочи дека уште првиот работен ден од мандатот, Градот се соочил со извршни решенија за наплата од над 50 милиони денари, како и со презадолжени јавни претпријатија, нефункционални културни установи и сериозен хаос во образованието. Дополнително, како што наведе, наследени се и активни судски постапки во износ од околу 2,9 милијарди денари.
Тој потсети дека со ребалансот на Буџетот биле обезбедени средства за исплата на заостанатите плати во јавните претпријатија, како и дека тековните обврски кон добавувачите се намалени од 330 на 236 милиони денари.
Ѓорѓиевски се осврна и на инвестициите во образованието, истакнувајќи дека за 40 дена се направени повеќе чекори отколку во некои претходни мандати. Меѓу проектите ги наведе изградбата на спортски терени во шест средни училишта, набавката на прочистувачи на воздух, нова ИТ опрема, смарт табли, лаптопи, училишен мебел и опрема за информатичките кабинети.
Во делот на инфраструктурата, тој информираше дека се обезбедени средства за Луна паркот, за првата фаза од подземната сообраќајница кај „Лимак“, за кружниот тек во Ѓорче Петров, како и дека е решена експропријацијата кај Момин Поток. Започната е и реконструкцијата на улицата „Фрањо Клуз“ во Аеродром, а планирани се средства за бројни улици и булевари кои ќе се реализираат во 2026 и 2027 година.
Градоначалникот ја потенцираше и спогодбата со Владата, со поддршка на премиерот Христијан Мицкоски, со која ќе се обезбедат 360 милиони денари за студентски превоз во наредните три години.
„По многу години, го исчистивме Град Скопје, а истовремено го украсуваме и му даваме новогодишен дух каков што заслужуваат скопјани. Кога се сака и кога се работи со желба и посветеност – сè е можно. Знам дека е тешко, но доаѓа времето кога тоа подобро нема само да го посакуваме, туку реално ќе го живееме“, порача Ѓорѓиевски.



