
Соопштение на Левица:
Пратеникот и претседател на Постојана анкетна комисија за слободата и правата на граѓанинот, во Собранието на Македонија, Димитар Апасиев информира дека до пратеничките групи доставил Предлог-заклучоци од одржаната комисиска седница по повод поднесената претставка од родителите на загинатите деца во трагедијата во Кочани. „Очекувам истите да бидат едногласно усвоени на првото продолжение на V-та седница на Постојаната анкетна комисија”, се огласи Апасиев преку социјалните мрежи.
Со доставените Предлог – заклучоци најостро се осудува институционалната нефункционалност која доведе до трагедијата од 16 март во дискотеката „ПУЛС” во Кочани и се изразува најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и повредените. Исто така се укажува на сериозни институционални слабости, системско непочитување на законите и можно прикривање на одговорноста што наметнува потреба од итна и решителна реакција од сите државни институции.
Во таа насока се бара спроведување на независна, транспарентна и темелна судска кривична постапка која ќе ги утврди сите одговорни лица и институции, а одговорноста мора да ја понесат и носителите на јавни функции, без исклучоци.
Се потсетува дека правото на живот претставува највисиока вредност во уставниот поредок на државата и токму затоа се повикува Јавното обвинителство да постапува непристрасно, навремено и неселективно со цел да се обезбеди правда за жртвите и нивните семејства.
Дополнително во Предлог-одлуките се изразува загриженост за наводите за корупција во постапките за издавање дозволи и во инспекцискиот надзор и се препорачува Собранието да усвои итни законски измени кои ќе го подобрат регулаторниот и инспекцискиот надзор врз угостителските и останатите објекти наменети за одржување на јавни настани. Паралелно се бара и заострување на кривичната одговорност за службените лица кои не постапуваат согласно законските овластувања.
Се поддржува одржување на надзорна расправа во Собранието за утврдување на институционалната одговорност и предлагање мерки за превенција. Истовремено, се нагласува потребата од ефикасен и независен правосуден систем и целосно искоренување на корупцијата.
На крајот се упатува апел до пратениците од власта и опозицијата да постигнат консензус и да донесат посебен закон за обесштетување на семејствата на жртвите од трагедијата во Кочани, а заклучоците да се достават до Владата и Јавното обвинителство.


