Утрински Весник
Македонија

Тошковски: Интервентната полиција – шест години посветена служба во заштита на граѓаните

5 2.jpg

По повод шест години од формирањето на Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, денеска беше одбележан Денот на единицата, на кој беше истакната нејзината клучна улога во одржувањето на јавниот ред и мир и во заштитата на безбедноста на граѓаните на главниот град.

Во своето обраќање, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нагласи дека Интервентната полиција во изминатиот период се етаблирала како еден од носечките столбови на безбедносниот систем, со висока оперативна подготвеност, мобилност и професионалност.

„Интервентната полиција често пати беше прва на терен и вистински херој во заштитата на граѓаните. Резултатите што ги постигнувате не се случајни – тие се производ на посветеност, храброст и тимска работа. Намалувањето на разбојништвата во Скопје за околу 40 проценти е јасен показател за вашата ефикасност,” истакна министерот Тошковски, најавувајќи дека МВР и во иднина ќе продолжи со вложувања во опрема, обука и човечки ресурси.

Министерот потенцираше дека во годината што следи фокусот ќе биде насочен кон понатамошна модернизација и јакнење на капацитетите на Единицата, со цел уште побрз и поефикасен одговор на безбедносните предизвици.

Командантот на Единицата за интервентна полиција, Милош Столевски, во своето обраќање посочи дека за шест години постоење, Единицата се наметнала како суштинска безбедносна алатка во рамките на полицискиот систем, подготвена да одговори на сите облици на криминал.

„Да се биде дел од Интервентната полиција значи чест и гордост, но и голема одговорност. Со посветеноста и професионалноста на секој припадник, успеавме да изградиме доверба кај граѓаните и да придонесеме главниот град да биде безбедно место за живеење,” нагласи Столевски, додавајќи дека поддршката од раководството на МВР е клучна за континуираниот развој и унапредување на Единицата.

На одбележувањето беше истакната и важноста на координацијата меѓу единиците, како и успешната соработка со другите организациски единици во рамките на МВР, особено во спроведувањето на сложени оперативни акции.

Министерството за внатрешни работи уште еднаш ја потврдува својата определба за јакнење на Интервентната полиција како професионална, модерна и ефикасна единица, во функција на безбедноста на граѓаните и заштитата на јавниот ред и мир.

Можете да прочитате

Ристески на трилатералната конференција „Зајакнати – развој на политики за вклучување на лица со попреченост”

Со сослушување сведок и вешти лица продолжи судењето во Велес за опожарената куќа во Капиново

Средба Мицкоски – Сјаојан: Односите меѓу нашите две земји се темелат на заемна почит, разбирање и соработка