Утрински Весник
Македонија

Томовски најави нов авион, нов саем и жичница до Водно

Img 2890.jpeg

Скопје може да добие нов саем, жичница до средно Водно и нов владин авион – ова вечерва го најави директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, во гостување на „Сител“.

Тој откри дека Владата размислува за набавка на нов авион, бидејќи сегашниот „Лирџет“ е стар две децении, скап за одржување и, според него, „тотално некорисен“.

„Лирџетот има само шест седишта, користи репарирани делови затоа што оригинални веќе не се произведуваат и често е на поправка. Како да одржуваме олдтајмер“, изјави Томовски, додавајќи дека постапката за нов авион не е започната, но веќе постојат понуди од компании. Според него, до крајот на годината ќе се формира работна група што ќе го бара најсоодветното решение.

Во однос на скопскиот саем, Томовски објави дека веќе се бара соодветна локација и дека има инвеститори кои се подготвени да го изградат и стопанисуваат со него.

„Скопје и Косово се единствените во регионот без саем. Очекувам наскоро да ја пронајдеме локацијата и да добиеме нов скопски саем“, рече тој.

Томовски најави и дека може да започне процес за изработка на физибилити студија за жичница од Козле до средно Водно – проект што, како што кажа, би ја олеснил пристапноста и би придонел за нова туристичка атракција.

Говорејќи за новите обоени регистарски таблички за службените возила, тој информира дека пред нивното воведување биле тестирани преку системот „Сејф сити“, по што започнала нивната изработка. Досега над 3.000 возила добиле нови таблички, а сите останати ќе ги заменат при следната регистрација.

Томовски додаде дека прекршоците регистрирани од „Сејф сити“ најпрво стигнуваат до лизинг компаниите, поради што дел од казните одат преку нив до СОЗР.

„Сметам дека треба да плаќа оној што го направил прекршокот, а не компанијата“, истакна тој, најавувајќи можни законски измени.

Во врска со евентуално воведување GPS-систем во службените возила, рече дека ќе се почека да се види дали тоа ќе биде потребно по анализата на резултатите од „Сејф сити“.

Томовски се осврна и на „Македонско село“ во Нерези, за кое кажа дека конечно заживеало по шест години затвореност и денес претставува функционална туристичка дестинација што носи приходи.

Можете да прочитате

Големо празнично отворање: Ѓорѓиевски ги повикува граѓаните на заедничко осветлување

„Безбеден град“ се одложува – Новиот датум за старт е 1 февруари 2026

Општински и градски служби најавуваат затворање, организаторите тврдат – нема затворање на Зимзоленд!?