Утрински Весник
Македонија

Повторно затворен граничниот премин Евзони

20251205142721 big 730x400 42.webp.webp

Околу 14 часот по локално време грчките земјоделци одново го затворија граничниот премин Евзони за влез и излез од Грција кон нашата земја, а според информациите, блокадата се очекува да трае до 22 часот.

На грчката страна од границата паркирани се над 300 трактори, а блокада имаше и во текот на вчерашниот ден во претпладневните часови, како и од 18 до 22.30 часот, по што сообраќајот се нормализираше и сè до 14 часот се одвиваше непречено.

Низ цела Грција, земјоделците имаат поставено вкупно 14 блока со над 6.000 трактори, од кои два се на граничните премини Евзони (Богородица) и Ники (Меџитлија).

На Ники, блокадата денеска траела кусо, исто како и вчера и се однесувала само на товарни возила, а не и на автомобили.

Пракса на земјоделците, како и во изминатите години за време на нивните протести, е да не ги најавуваат блокадите, со оглед на тоа што тракторите и земјоделските возила се паркирани на преминот и остануваат таму, а на секојдневни состаноци, надлежните земјоделски комисии одлучуваат кога и на колку време ќе блокираат.

Граничниот премин Дојран засега останува единствениот на кој нема блокади и сообраќајот за влез и излез од Грција се одвива непречено.

Земјоделците од Солун денеска се обидоа со тракторите да стигнат до солунскиот аеродром и таму да постават нов блок, меѓутоа беа спречени од полицијата, по што се случија и инциденти со употреба на солзавец.

Во внатрешноста на Грција, кај месноста Никеа во близина на Лариса има околу 1.800 трактори и затворен автопатот Солун-Атина, кај градот Кардица во блокот учествуваат над 2.000 трактори, а блокада има и на излез од Солун во правец кон Атина.

На повеќе локации каде што се блокадите, земјоделците поставија и новогодишни елки, што во Грција се толкува како порака дека нема да отстапат и доколку е потребно, празниците ќе ги поминат на улица.

Грчките земјоделци, протестите ги започнаа во неделата, најавија постепено интензивирање до 5 декември, а засега нема информации до кога ќе траат.

Можете да прочитате

82 години Народен театар Битола, 12. Битола Шекспир фестивал

Констатирани 19 кривични дела „безобѕирно управување со моторно возило“ во изминатото деноноќие, уапсени 17 лица

Димитријевиќ: Славески призна дека Мицкоски одлучил за Алта банка – СДСМ бара итна истрага!