Утрински Весник
Македонија

Екс-градоначалникот Димитровски: Никогаш не би помислил дека ќе седнам на обвинителна клупа за работа стара 13 години

Img 2381.jpeg

Поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, денеска во судницата истакна дека е изненаден што по 13 години се наоѓа на обвинителна клупа за функција што ја извршувал во минатото, уверувајќи дека никогаш не би помислил дека ќе биде обвинет за дело за кое, како што тврди, постапил навреме и согласно можностите. „Изненаден сум. Никогаш, ама никогаш не би помислил дека ќе застанам на обвинителна клупа за функција што сум ја вршел пред 13 години. Не постојат заменски обвинети. Не може некој невин да одговара за друг“, изјави тој, нагласувајќи дека бил единствениот кој реагирал пред отворањето на дискотеката „Пулс“.

Димитровски пред судот изјави дека на 19 октомври 2012 година испратил официјален допис до Министерството за економија со барање да биде информиран дали е издадена или ќе биде издадена дозвола за објектот. „Кога дознав дека ќе се отвора дискотека, се обратив до Министерството: ‘Ве молиме да не информирате дали му е издадена или ќе му биде издадена дозвола’. Јас сум единствениот во Македонија кој го направил тоа, иако немав надлежност. До денес не добив одговор,“ рече Димитровски. Тој додаде дека на 5 ноември 2012 година Општината го известила сопственикот Дејан Јованов дека парцелите околу објектот не смеат да се користат за паркинг бидејќи таква намена не била предвидена во важечкиот Детален урбанистички план. „Каква правда може да се очекува ако се изостави некој кој требало да биде обвинет, а се гонат луѓе кои не се виновни?“ праша екс-градоначалникот.

Од друга страна, Обвинителството во обвинителниот акт го товари за пасивност, наведувајќи дека сторил „Тешки дела против општата сигурност“. Според обвинението, Димитровски, во периодот од 2009 до 2017 година, знаел дека дискотеката „Пулс“ е изградена и функционира спротивно на Деталниот урбанистички план, бидејќи се наоѓала во зона предвидена за лесна индустрија, а не за угостителска дејност. Наместо да преземе мерки, тој наводно не наредил инспекциски надзор, ниту ги информирал Државниот завод за статистика и Министерството за внатрешни работи дека објектот работи незаконски. Обвинителството дополнително тврди дека Општината продолжила да наплаќа такса од 4.000 евра за вршење дејност, иако дискотеката немала дозвола за тоа.

Судењето продолжува со изведување докази и сведоци, по што ќе се утврди дали Димитровски навистина презел мерки да го спречи функционирањето на „Пулс“ или, како што тврди Обвинителството, неговата пасивност придонела објектот да работи незаконски и небезбедно. Поранешниот градоначалник останува на ставот дека е невин и дека институциите, кои биле надлежни, не постапиле по неговите предупредувања.

Можете да прочитате

Муцунски се сретна со Сијарто во Виена

Македонија заслужува членство во ЕУ, смета Николоски

Двајца крадци опљачкале објект за брзи кредити